Против Коста Петров, поранешниот директор на Фондот за иновации, Државната комисија за спречување на корупција отворен е предмет во врска со доделените средства за издавачката куќа „Три“. Оваа издавачка куќа беше издавач на сите негови книги и пред да биде директор на Фондот и после.
Фондот за иновации и технолошки развој на издавачкиот центар Три за проект наменет за едукација додели 5.936.000 денари. Во тој период директор на Фондот беше Коста Петров, а токму оваа издавачка куќа претходно веќе му издала неколку книги. На тукушто завршениот Саем на книги, „Три“ ја промовираше последната негова книга „Што ќе кажат другите“.
Петров, во изјава за МКД.мк вели дека нема информации дека во ДКСК бил отворен предмет за него.
„За време на вршење на мојата функција како директор на Фондот за иновации и технолошки развој не сум донел одлука за финансирање на проект, ниту сум склучил договор за доделување на финансиски средства со издавачката куќа Три. Одлука за доделување на финансиски средства за финансирање на проекти воопшто не е во надлежност на директорот. Согласно Законот за иновациска дејност, доделувањето на финансиски средства за финансирање на проекти е во надлежност на Комитетот за одобрување на инвестиции. Имено, Комитетот за одобрување на инвестиции се состои од пет члена кои ги избира Владата, од редот на реномирани меѓународни експерти. Комитетот ги разгледува и одобрува предлог-проектите доставени до нив, по што донесува одлука за финансирање на доставените проекти. Сето погоре наведено може да се верификува со проверка на целокупната документација која е достапна во Фондот за иновации и технолошки развој. Останувам и понатаму отворен за соработка со надлежните институции“, изјави Петров.
Прашањата на МКД.мк испратени до Фондот за иновации останаа неодговорени.
Коста Петров беше потпретседател на СДСМ, а неодамна изјави дека во политиката влегол романтично со желба да прави промени, но во партијата никогаш не го прифатиле како потпретседател.