Контроверзната смена на директорот на МКЦ и поставувањето на негово место лице кое по професија е детектив, е последната во низа сомнителни директорски вработувања и смени за антикорупционерите, поради што претседателката на антикорупциска Билјана Ивановска во изјава за ТВ 24 рече оти ќе се разгледуваат сите елементи од овој случај и во наредниот период ќе одлучат дали ќе отворат предмет по сопствена иницијатива.

Според првиот човек на антикорупционерите, решението на проблемот со контроверзните директорски вработувања е во носење на закон за висока раководна структура, согласно кој ќе се бираат и директорите.

Токму во врска со последните случувања со смената на директорот на МКЦ, одговори во однос на сомнежи за постоење на корупција побаравме и од кабинетот на вицепремиерката за добро владеење, меѓутоа оттаму ни рекоа дека ова не е во нивна надлежност, бидејќи тие одговараат само за државните функционери.

Досегашниот директор на МКЦ, Ванчо Богоев, неодамна беше разрешен по цели 36 години поминати во оваа инстутуција, а неговата замена со директор кој по професија е детектив наиде на бурни реакции кај вработените, но и кај јавноста, каде бурни беа реакциите дека со ваквите потези се уништува МКЦ, кој според нив е еден од бисерите на Скопје.