Уште еден милионски тендер во РЕК Битола за Марковски компани. Во АД ЕСМ продолжуваат епизодите со милионските договори за јавни набавки со нивната омилена фирма – МАРКОВСКИ КОМПАНИ Борче ДООЕЛ од Битола, како да се работи за индиска серија, ова денеска преку прес-конференција за јавноста го истакна Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој конзул на држава под санкции на ЕУ изминативе години додека СДС и ДУИ се власт свртел стотици и стотици милиони евра тендери во РЕК Битола. После оние 150 милиони евра кои ВМРО-ДПМНЕ ги објави пред два дена, следуваат нови 4 милиони евра. Власта во заминување направи пепел, народните пари безмилосно ги троши. Но, после изборите на 8-ми мај одговорност ќе има за сите кои се огрешиле пред правдата. Имено, пред два дена објавивме дека власта во заминување на СДС и ДУИ непосредно пред избори подготвува два тендери во РЕК Битола од 9 милијарди денари. Седум години РЕК Битола е „непресушен“ рудник за богатење на олигарсите на ДУИ и СДС. Во изминативе години ЕСМ потроши стотици милиони евра на тендери за ископ на јаглен и ангажирање помошна механизација во четири очи. И покрај тоа што СДС дојдоа на власт со ветување дека ЕСМ ќе набави сопствена механизација за да се намалат трошоците за ангажман на надворешни компании, тоа не се реализира“, вели Антовски.