Денеска е донесена Уредбата за криза во енергетскиот систем. Уредбата е донесена со закаснување. Повторно имаме една ситуација каде што се чекаше да поминат изборите и веднаш после вториот круг на изборите се донесе оваа Уредба. Тоа беше од политичка причина, да нема уште поголем негативен ефект на оваа одлука од резултатите кои што беа дебакл на политичката партија СДСМ односно на владејачкото мнозинство. Е, сега ние па два месеци наназад укажувавме дека може да дојде до оваа ситуација, ако ги следевте пазарите на електрична енергија уште пред девијацијата, поскапувањето на електрична енергија се случуваше уште пред два месеци. Ние имавме зголемување на 120 евра и после нагло зголемување на 150, 180, 200 и така натака да сега имаме зголемување и на некои 250 евра за електрична енергија, истакна Стевче Антовски, член на комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ во емисија на телевизија 24.
Антовски додаде дека одлуката иако е задоцнета на Владата, таа е со една цел, а тоа е да ги покрие нефункционалните компании ЕЛЕМ и МЕПСО кои што не се во состојба да ги вршат своите дејности.
-Имаме задоцнета Уредба, претседателот на МЕПСО односно директорот, собра храброст и јавно кажа дека компанијата трпи сериозни штети заради т.н. крадење на струја од другите преносни системи. Кога се случува крадење на струја тоа значи хаос во нашиот домашен систем. Немаме производство, трговците на струја дел од нив ги откажуваат склучените договори, и сега целата штета што се нанесува е ради немање сопствено производство и доаѓа на теретот на МЕПСО. МЕПСО е акционерско друштво, државна компанија и сите тие загуби кои што се веќе 15 милиони евра треба да ги платиме ние граѓаните на Република Македонија. Тоа е недозволиво, ние сами сме одговорни зашто сме донесени во оваа ситуација. Ние имаме нефункционални енергетски производствени капацитети, нагласи Антовски.
Антовски посочи дека РЕК Битола е надвор од употреба, таму постојано има хаварии, дефекти, а нема откоп на јаглен.
-Зимата започнува за месец дена и ние не знаеме што ќе правиме. Уредбата, стапувањето на сила денеска целата причина е да се обезбеди финансии на МЕПСО и ЕЛЕМ за да можат да функционираат и понатака, рече Антовски.
Антовски укажа дека сето ова сега што се случува е последица на лошото менаџирање со енергетскиот сектор.