Денеска во Кочани погреб на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“
На Градските гробишта во Кочани денеска ќе бидат погребани триесетина од загинатите во катастрофалниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“ во неделата рано наутро.
Погребни церемонии ќе се одржат и во Скопје, Штип и Облешево.
Погребот во Кочани е закажан за 12:00 часот, а со него ќе чиноначалствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со повеќе архиереи од МПЦ-ОА.
Апел за достоинствено испраќање на настраданите
Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) упатуваат молба до сите присутни за достоинствено и христијанско однесување за време на погребот.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, упати емотивен апел да им се дозволи на семејствата во мир да се простат од своите најблиски.
„Целата македонска јавност е тажна и сочувствува со семејствата на 59-те загинати во ужасниот пожар во Кочани. Но, болката на родителите, браќата, сестрите и пријателите на настраданите е најголема.
Затоа, Ве молам, денес да ги оставиме унесреќените родители, во тишина и плач, да си ги видат своите деца за последен пат. Да им оддадат почит, да постојат до нив пред да бидат положени во гроб. Да им дозволиме на свештениците во Кочани и другите градови и села непречено да ја одржат погребната церемонија. – стои во апелот на Ангелов.
Потсетување на трагедијата
Во катастрофалниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани во неделата рано наутро, загинаа 59 лица, претежно млади, а 178 беа повредени.
Истражните органи сè уште работат на утврдување на сите околности поврзани со несреќата.