Кривичниот суд ги одбил амнестиите за предметот Организатори за 27 ми април ама не образложил зошто го сторил тоа – поради ова Апелација го врати предметот на повторно судење. Според второстепениот суд, Кривичен направил суштествени повреди во постапката.

Првостепениот суд сторил суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење – велат од Апелационен суд.

Апелација му замерува на кривичен дека не утврдил дали имаат вина и за што, пред првостепено да ги осуди Миле Јанакиевски, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски.

При утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети, ако се има предвид дејствието на извршување на предметното кривично дело, за кое правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста – образложуваат од Апелација.

За случајот Организатори на 27 април, Скопскиот Кривичен суд пред две години изрече затворска казна од вкупно 25 години за четворицата обвинети. 6 и пол години казна затвор за поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, 6 години и три месеци казна затвор за екс-министерот за образование Спиро Ристовски и 6 години и три месеци казна затвор за министерот за транспорт и врски Миле Јанкиески, додека на екс директорот на УБК Владимир Атанасовски шест години казна затвор. Со уважувањето на жалбите на одбраната, предметот се враќа на повторно судење.