Скопскиот Кривичен суд погрешно оценил дека понудената гаранција на Сашо Мијалков нема да го обезбеди во понатамошниот тек на постапката – ова е главниот заклучок од образложението на Апелација, со чие решение, потпишано од судиите Енвер Беџети и Ѓоко Ристов, неделава му беше укинат притворот на ексдиректорот на УБК.
Во образложението, судиите на десетина страници во најголем дел се задржуваат на понудената гаранција во вредност од над 11 милиони евра која опфаќа станови, деловни објекти, хотелски апартмани, бензинска пумпа и земјиште. Потоа, осврнувајќи се одлуката на Кривичниот суд за притвор, се вели:
Не е спорно дека кривичната постапка е во тек и дека се уште е потребно обезбедување на присуство на обвинетиот со цел да се спречи истиот да се даде во бегство, што преставува основ за мерката притвор, но со оглед на околностите дека идентитетот на обвинетиот е утврден и познат, има оформено потесно семејство, родител е на две деца, а во корелација со висината на определената гаранција, советот на овој суд цени дека погоре наведените околности преставуваат вредносно обезбедување за присуство на обвинетиот во понатамошниот тек на кривичната постапка.-Апелационен суд Скопје.
Инаку истиот состав на судии пред шест месеци, на понудена гаранција за скоро милион евра пониска од сегашната, наведе дека притворот е најефикасна мерка бидејќи постоела реална опасност Мијалков да избега.
По завчерашната одлука на Апелација, Кривичниот суд на барање на обвинителството му определи нов притвор на Мијалков, но за случајот Плацеви на Водно. Неговите адвокати поднесоа жалба по која ќе се одлучува следната недела.