Државната ревизија во Општина Арачиново открива дека во општината не се плаќаат даноци и комунални такси, се гради на диво, без дозволи за градба, но и се трошат пари без покритие и се отпишуваат долгови кои морале да бидат вратени во општинската каса, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија за финансиското работење на општината во 2021 година, пренесе Слободен Печат.
Во еден од највпечатливите наводи на државните ревизори во врска со неправилностите во работењето на општината, се вели дека градоначалникот зел од општинскиот буџет аванс од 200.000 денари (околу 3.300 евра), но долгот никогаш не го вратил. Во општинската зграда била пријавена кражба, во која според надлежните, биле украдени фискалните сметки за угостителски услуги со кои требало да се правдаат трошоци.
Поради тоа, општинскиот совет во 2021 година одлучува долгот на раководното лице да го отпише, откриваат државните ревизори. Во првите девет месеци од 2021 година, градоначалничка во Арачиново беше Миликие Халими, избрана како кандидатка на коалицијата предводена од СДСМ, а во ноември и декември на функцијата доаѓа Ридван Ибраими од ДУИ. Во извештајот на ревизорите не е прецизирано за кој точно период се однесува овој аванс.
„Во текот на 2021 година е извршен отпис на побарувања по основ на дадени аванси врз основа на донесена Одлука за отпис на долг по основ на аванс земен од страна на одговорното лице во износ од 200.000 денари од Советот на Општина Арачиново, како последица од извршена кражба во просториите на општината од страна на непознат сторител, на фискални сметки за извршени угостителски услуги и репрезентација“, истакнуваат од ДЗР.
Во извештајот пишува и дека во 2021 година биле исплатени надоместоци во износ од речиси 30.000 евра, на сите членови во Советот во Општина Арачиново. Парите се дадени без никакви докази за одржани седници и присуство на сите советници.
„Општината не води евидентни листи за присуство на советниците на одржаните седници на Совет, а исплатата на надоместоците се врши без месечни списоци за исплата изготвени од страна на претседателот на Совет. Од извршениот увид во записниците за одржани седници, ревизијата констатира дека во текот на годината одржани се вкупно 4 седници, а исплатен е надоместок за 12 месеци“, додаваат од ДЗР.
Државниот ревизор констатирал дека во 2021 година расходите за репрезенатција изнесуваат над 10.000 евра. Исплатата на парите се врши по доставени фактури и фискални, но без да биде наведен видот и намената за која услуга се направени – свечените деловни ручеци и коктели. Во извештајот се наведува и дека биле користени картички за точење на гориво од страна на неовластени лица.
Гориво се точело во возила кои не се во сопственост на Општината. Констатирано е и дека, се вршеле градежни работи без одобренија за градба, а општината не собира приходи од комунални такси за фирми за реклами, објави, огласи и за користење на музика. А помалку се остварени и приходи по основ на даноци за специфични услуги во буџетот на Општината.
Државниот завод за ревизија наведе дека извештајот го доставил и до Општина Арачиново, но од таму не добил никакви забелешки.