Партијата Алијанса за Албанците го избра Арбен Таравари за претседател на денешниот трет вонреден конгрес во Тетово. Досегашниот вршител на должноста и поранешен потпретседател беше избран со гласовите на скоро сите делегати присутни на конгресот. По изборот тој најави дека политиките на партијата остануваат исти, а промена согласно денешните одлуки на конгресот има во партиските тела и функции.
-Политиките на партијата генерално ќе продолжат тие што се. Веќе од утре почнуваме со континуирана кампања додека се одржат следните избори. Кампања врата на врата, да ги отвориме вратите на партијата да доближиме што повеќе луѓе, посебно интелектуалци кои ни се потребни за успешно функционирање на партијата. Професионализација на партијата. Ние почнуваме кампања без разлика дали ќе се одржат избори во 2023 или 2024 година. Ние ќе бидеме во продолжена или континуирана кампања врата на врата до следните избори, рече Таравари.
Досегашниот претседател Зијадин Села се обрати на конгресот и побара поддршка за Таравари.
-Политичките партии не можат да бидат сопственост на поединец, а јас денеска сум тука со најголема гордост да кажам дека го одржав зборот како што ги одржав многу други зборови до сега. АА никогаш не припаѓала на Зијадин Села и нема да му припадне на никој друг, освен на Албанците. Денеска се собравме да го избереме првиот меѓу нас во наредните четири години, референца ми беше и мислев дека тој што ќе треба да го продолжи патувањето на АА е мојот пријател Арбен Таравари, порача Села.
Согласно одлуките на конгресот ќе се воведе функција претседател на Собранието на Алијанса за Албанците.
-Направиме одредени промени во статутот на партијата што беа увидени. Пример досега не беше предвидено во статутот што ќе се прави ако претседателот на партијата даде оставка. И една нова функција во партијата Претседател на Собранието на партијата. Направени се и одредени други промени во статутот на партијата за која што сметавме дека треба да бидат во правилник за функционирање, да се тргнат од статутот. Тоа го одлучивме едногласно. Мислам дека немаше поголема дебата, имаше согласност од повеќето делегати на Конгресот. Донесовме еден кодекс за однесување во партијата, кој што мислиме дека недостига за однесувањето на повеќето членови, па и функционери на партијата, изјави Таравари.
Арбен Таравари е роден 1973 година. Досега бил министер за здравство, а од 2017 година е градоначалник на Гостивар во два мандати. По професија е лекар, невролог.