Аргентина се пласира во големото финале на Светското првенство 2026, откако на стадионот „Мерцедес-Бенц“ во Атланта ја совлада Англија со 2-1. Англичаните поведоа со голот на Ентони Гордон во 55. минута, но Енцо Фернандез израмни во 85. минута, а Лаутаро Мартинез во 92. минута го комплетираше пресвртот по нафрлување на Лионел Меси.
Полуфиналниот дуел започна со внимателна и тврда игра, во која селекторите Томас Тухел и Лионел Скалони повеќе се фокусираа на тактичко надмудрување отколку на отворен напад. Во првото полувреме немаше ниту еден директен удар во рамките на голот, а беа направени дури 19 прекршоци, што најдобро ја покажа тензијата и важноста на натпреварот.
Сликата на теренот се промени во 55. минута, кога Хари Кејн се врати на својата половина и започна акција со долга топка кон Морган Роџерс. Тој одлично нафрли во шеснаесетникот, каде што Ентони Гордон со прецизен удар ја затресе аргентинската мрежа за водство на Англија од 1-0.
По постигнатиот гол, Англија се повлече длабоко на својата половина и целосно ѝ ја препушти иницијативата на Аргентина. „Гаучосите“ го засилија притисокот, создадоа неколку сериозни можности и ја погодија стативата, додека Нико Гонзалес пропушти добра шанса откако неговиот удар заврши покрај голот.
Аргентинскиот притисок конечно даде резултат во 85. минута. Лионел Меси го проигра Енцо Фернандез, кој со прецизен удар од далечина го совлада Џордан Пикфорд и израмни на 1-1. Англиската одбрана по примениот гол ја загуби сигурноста, а Аргентина продолжи да напаѓа и да бара победа уште во регуларниот дел.
Одлуката падна во втората минута од судиското продолжение. Меси испрати прецизно нафрлување во казнениот простор, а Лаутаро Мартинез со удар со глава погоди за конечни 2-1 и голема прослава на аргентинските фудбалери и навивачи.
Со победата, актуелниот светски шампион обезбеди уште едно мундијалско финале и можност да го одбрани трофејот. Противник на Аргентина ќе биде Шпанија, која во првото полуфинале ја совлада Франција со 2-0.
Финалето меѓу Шпанија и Аргентина ќе се игра в недела, на 19 јули, од 21 часот. Англија и Франција еден ден претходно ќе се соочат во натпреварот за третото место.
