Научниците предупредуваат дека Арктикот би можел да остане без морскиот мраз една деценија порано од предвиденото, што е уште еден јасен показател дека климатската криза се развива побрзо од очекуваното.

Според најновото истражување објавено денес во списанието Nature Communications, арктичкиот морски мраз би можел целосно да исчезне веќе во 2030-тите во текот на септември. Дури и ако значително ги намалиме емисиите на стакленички гасови, експертите веруваат дека до 2050-тите Арктикот може да го изгуби мразот во текот на летните месеци.

Научниците ги анализираа промените во нивото на мразот од 1979 до 2019 година, споредувајќи различни сателитски податоци и климатски модели. Тие открија дека намалувањето на морскиот мраз во голема мера е резултат на загадувањето кое ја загрева планетата и дека претходните модели ги потцениле трендовите на топење на ледените плочи на Арктикот.

„Можеме да останеме без мраз десет години порано од предвиденото“

– Бевме изненадени кога сфативме дека Арктикот ќе остане без мраз во текот на летото, дури и ако направиме нешто за намалување на емисиите на стакленички гасови, изјави за Си-Ен-Ен климатологот Сеунг-Ки Мин од Универзитетот за наука и технологија Поханг во Јужна Кореја.

Арктичкиот мраз се акумулира во текот на зимата, а потоа се топи во лето. Најниското ниво обично го достигнува во септември, а подоцна, со доаѓањето на постудено време, циклусот повторно започнува. Меѓутоа, ако нема повеќе мраз во текот на летото, тој ќе се акумулира побавно во зима.

Во случај да се зголемат штетните емисии и дополнително да го забрзаат глобалното затоплување, Мин верува дека до 2080 година Арктикот би можел да остане без мраз до крајот на октомври.

Наодите од ова истражување не се во согласност со извештајот од 2021 година на Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени, во кој се наведува дека Арктикот ќе биде „практично без мраз близу до средината на векот под сценарија за средни и високи емисии на стакленички гасови“. „Нашата студија покажува дека тоа би можело да се случи 10 години порано, без оглед на сценаријата за емисии“, рече Мин.

Кои се последиците?

Во текот на изминатите неколку децении, Арктикот се загреал четири пати побрзо од остатокот од светот, според студија од 2022 година. Арктикот без летен морски мраз би предизвикал страшни последици ширум светот. Имено, белиот мраз ја рефлектира сончевата енергија. Кога се топи, се изложува потемниот океан кој апсорбира повеќе топлина, што пак предизвикува дополнително затоплување.

– Намалувањето на нивото на морскиот мраз може да влијае и на глобалната клима. „Со оглед на претпоставката дека затоплувањето на Арктикот носи временски екстреми, како што се топлотни бранови, шумски пожари и поплави на северните географски широчини, порано целосно губење на мразот во текот на летото може да предизвика екстремни настани побрзо отколку што предвидовме, рече Мин.

Арктикот без мраз би можел да доведе и до зголемување на комерцијалниот поморски превоз поради отворањето на нови рути, а според минатогодишниот извештај за Арктикот на американската Национална агенција за истражување океани и атмосфера, зголемениот бродски превоз би довел до повисоки емисии и загадување во регионот.