Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска ќе се одржи централна свеченост по повод 33. роденден на македонската Армија. Повеќе од три децении исполнети со посветеност, пожртвуваност, знаење, храброст и одлучност во служба на Татковината ќе бидат одбележани со пригодна програма и присуство на високи државни и воени претставници.

Според протоколот на свеченоста, со пригоден говор на присутните ќе им се обратат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

На централната свеченост ќе бидат построени и новопромовираните 26 потпоручници и 149 подофицери.

За време на централната свеченост, претседателката Сиљановска-Давкова, како што соопшти Генералштабот на Армијата, ќе го одликува со „Орден за воени заслуги“ Центарот за обука на питомци и офицери, кој е дел од Командата за обука и доктрини.

На свеченоста се очекува да присуствуваат претседателот на Собранието, Африм Гаши, министри во Владата, пратеници во Собранието, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, пензионирани генерали, високи гости од повеќе институции во Републиката, воено-дипломатскиот кор во Република Македонија и други.