Започнавме со чистење на секоја од нив и до овој момент имаме речиси целосно санирање на сите во соработка со дел од градоначалниците, но и со нашите можности кои ги имаме на располагање на градот, изјави градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на денешната средба со новинарите.

Таа нагласи дека тоа нема да биде само чистење, ќе се направи ограда и ќе има инспекциски служби кои што ќе работат во три смени за да се превенира, како и дека неселективно ќе се казнува доколку се забележи повторно фрлање смет на исчистените места.

– Неселективно ќе биде постапувано за сите оние кои што го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните. Службите на градот креираат системско решение кои понатаму ќе биде следено и ќе опфаќа не само следење со дрон на овие депонии кои што веќе ги исчистивме, туку да може да се следи системски и да не се креираат нови депонии, да се работи активно на дојави од граѓани за да може сето она што се случува да се санира итно и пред се да се превенира, да не дозволиме да се повтори, односно да немаме рецидиви по тој однос затоа што навистина верувам да се  покрене свеста во аспект на тоа дека треба секој човек да знае колку е опасно тоа по неговиот живот и животот на нашите деца и луѓе кои тука живеат, рече таа.

Градоначалничката најави претоварни станици за шут и отпад и планира депонијата Вардариште да се затвори, а граѓаните ќе има каде да одлагаат отпад. Таа рече дека не смее да се дозволи било каков отпад во населбите.

Арсовска рече дека откако е дојдена на функцијата постојано е мета на закани од одредени луѓе, кои и се закануваат за да не им бидат простени и аминувани криминали и злоупотреби кои ги правеле во изминатиов период. На прашањето дали заканите ги пријавила во полиција таа одговори: „Каде да пријавам? Таму каде што треба да пријавам јас сум си пријавила. Ако треба да пријавувам закани, секој ден, по цел ден ќе треба да бидам во полиција“.

– Имам закани од луѓе кои сакаат да ми вршат притисок, за да им бидат простени злоупотребите на одредни луѓе. Ако почнам да пријавувам закани ќе треба по цел ден да бидам во полиција. Заканите се за да не се откријат постапките. Нема да потклекнам на закани со притисоци и закани, нагласи Арсовска.

Арсовска рече дека нема услови за да го догради мостот на АСНОМ, бидејќи не се решени имотно-правните односи пред да почне реализацијата на проектот. Таа го обвини нејзиниот претходник дека ниту можел, ниту планирал да го заврши мостот, бидејќи прво требало да ги реши имотните спорови со жителите, а потоа да распише тендер и да почне со градење.

Мостот во Аеродром на крајот од булеварот „АСНОМ“ што требаше да поврзува три општини Аеродром, Гази Баба и Центар, Арсовска рече дека ќе служи за ловење риба. Арсовска вели дека за да се заврши мостот во Аеродром ќе бидат потребни десет години.

– Има 11 спорови, 25 предмети се во подготовка, а има и 44 барања за приватизација, од кои 16 се со кориснички права, вели Арсовска. Мостот ќе биде за ловење риба, додава Арсовска, затоа што тој постои, но нема каде да продолжи.

Според Арсовска, средствата од продажбата на Градска куќа се потрошени, а за веб страна на градот исто така се потрошени 65 илјади евра.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска истакна дека тие немале договор со Алијанса за Албанците и Алтернатива, околу тоа „кој и колку претпријатија ќе земат“.

– Немавме договор со АА-ААА за тоа колку претпријатија ќе земат и земеме. Со претпријатијата на кои уште не сме ги смениле директорите ќе раководат квалитетни луѓе, а не партии. Уште немаме имиња. Извештаите на овие лица на претпријатијата не поминаа на совет. За нас е важно да ги направиме ревизиите, а детектирани се проблеми кои се евидентни. Во овој момент новите директории ќе направат видлива промена, рече таа.