Градоначалничката на Скопје одржа маратонски брифинг само за Чаир, а одговорноста за сите градски проблеми ја префрли на други
„Едвај чекам“ – вака му одговори Данела Арсовска на Висар Ганиу, кој најави тужба против неа. Тој ја обвинува дека шири невистини за состојбата со дивоградбите во Општина Чаир.
По речиси една година избегнување, Арсовска конечно се соочи со новинарите. Организираше маратонски брифинг, но зборуваше само за една тема – дивоградби во Чаир.
Арсовска тврдеше дека има 150 нелегални објекти, и покажа документи. Според неа, на терен се поставени темели и за уште 50 нови градби.
Градоначалничката призна дека го одржала брифингот како реакција на најавата за тужба од Ганиу. Тој, пак, негира дека има толку дивоградби и обвинува дека таа лаже.
И покрај тежината на темата, Чаир не е единствениот проблем во Скопје. Во нејзиниот мандат градот остана без јавен превоз. Се соочи со преполни контејнери, сообраќаен хаос и нечистотија.
Се појавија и први случаи на рестрикции на вода – проблем без преседан за главниот град. Арсовска, сепак, за ништо од ова не ја гледа вината кај себе.
Одговорноста ја префрла на политичките опструкции. Таа тврди дека сите неуспеси се резултат на саботажи од централната власт и од советнички мнозинства.
Арсовска е децидна – нема да се кандидира повторно за градоначалничка на Скопје.
Минатата недела, полицијата одзеде документи од Општина Чаир и од Министерството за транспорт и врски. Постапува и Обвинителството за организиран криминал.
Предметот е отворен по кривична пријава што ја поднела токму Данела Арсовска.
Извор: Алфа ТВ