Град Скопје работи на сеопфатна квалитетна програма во рамките на буџетот со којшто располага градот, за што градоначалничката Данела Арсовска потенцираше дека и покрај наследените милионски долгови од претходното раководство активно се работи на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
-Капиталните проекти како дел програмата се во рамките на буџетот со што располагаме. Како што знаете имаме наследено милионски долгови. Реагираме на сите проблеми што се посочени од граѓаните, ќе се градат инфраструктурни проекти, се реконструираат улици, булевари, се поставува нова сигнализација се делува во насока на зголемена безбедност на пешаците и велосипедистите, рече таа.
Посочи дека капитални проекти и помош за ранливите групи на граѓани се неопходни во време на криза.
-За првпат во Македонија се започнува со најголемиот еко капитален проект во регионот, изградба на пречистителна станица што значи дека за 90% ќе бидат исчистени отпадните води во Скопје. Ги скусивме сите непродуктивни трошоци, средствата за угостителски услуги ги пренаменивме за оброци за лицата бездомници. Мора да изнајдеме решенија како да ги заштитиме најранливите категории како да им помогнеме да се ресоцијализираат, но и да им понудиме можности за вработување и тие самите да генерираат приходи за себеси, изјави Арсовска на денешното гостување на вестите на Канал 5.
Арсовска ја повика и Владата поактивно да се вклучи во насока на помош на овие категории на граѓани, истакнувајќи дека додека сите општини се со минимален приход од 3% на персоналниот доход и 4.5% од ДДВ, централната власт располага со над 4 милијарди буџет и може да придонесе за помош на граѓаните во сред економска и енергетска криза.