Шеесет и двајца наставници од осум градски средни училишта денеска добија признанија и награди од Градот Скопје за нивниот придонес и активно учество во унапредувањето на меѓуетничката интеграција во образованието преку редовна реализација на заеднички наставни часови со ученици кои учат на различни наставни јазици. Признанијата и наградите на просветните работници им ги додели градоначалничката Данела Арсовска.

-Во средните училишта на Град Скопје „Арсени Јовков“, „Здраво Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“, „Јосип Броз Тито“, „Владо Тасевски“ и „Д-р Панче Караѓозов“ во текот на учебната 2021/22 година беа реализирани вкупно 1.308 заеднички часови со кои беа опфатени 54 паралелки кои наставата ја следеа на македонски, албански и на турски наставен јазик. Одржувањето заеднички часови придонесува за подобрување на меѓуетничката кохезија меѓу младите, преку подобро запознавање едни со други и градење граѓански и демократски вредности. Тоа е она кон кое се стремиме како општество и на кое треба да работиме за на нашите деца да им обезбедиме сигурна и безбедна иднина, во заедништво, рече градоначалничката Арсовска на денешното доделување на признанијата и наградите.

Во рамки на Програмата за активности на Град Скопје од областа на средното образование за 2022 година и со Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и граѓанска вклученост се предвидува поддршка на училиштата за реализација на активности за меѓуетничка интеграција.

Овој проект е дел од националниот проект на УСАИД за унапредување на меѓуетничката интеграција на младите во образованието, а беше поддржан и од Македонскиот центар за граѓанско образование и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Град Скопје во рамки на своите заложби за унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието организира и бесплатни тримесечни обуки за изучување на македонскиот, албанскиот и турскиот јазик наменети за ученици и наставници од средните училишта на Градот. Во третиот циклус обуки кој беше реализиран во второто полугодие од учебната 2021/22 година беа опфатени вкупно 594 наставници и ученици, дел од нив следеа почетни обуки, а дел продолжителни.

Курсевите ги држеа 14-тина наставници вработени во средните училишта и истите се логистички и финансиски поддржани од страна на Град Скопје. Со посетување на обуките младите имаат можност да стекнат основни познавања на јазикот на кој зборуваат нивните соученици, што ќе придонесе за нивна полесна јазична социјализација. Проектот има за цел да ги стимулира училишните заедници да градат и развиваат позитивни интеракции меѓу учениците и наставниците од различни етнички заедници.