Граѓаните отворено зборуваа за секојдневните проблеми што ги имаат и што им го загрозуваат секојдневието, како проблемот со чистата вода за пиење, непостоењето фекална канализација во некои делови од општината, лошата поврзаност со центарот на градот и високата загаденост на воздухот, на што Арсовска истакна дека нехумано е да се живее во 21 век со вакви проблеми секој ден.

Притоа Арсовска изнесе конкретни решенија за овие проблеми со што Гази Баба ќе го добие потребното внимание и грижа од градските власти. “Директно ќе го поврземе Маџари со Ново Лисиче со мост кај Вардариште, а со цел олеснување на економскиот транспорт кај многубројните инвеститори во делот на Маџари, предвидуваме продолжување на улицата Маџари од рампата во Маџари преку Вардариште до реката Вардар, со нов мост и продолжување до раскрсницата на бул. АСНОМ со булеварот Февруарски поход. Со ова ќе осигураме полесен пристап, растеретен сообраќај и директна врска помеѓу Гази Баба и Аеродром”, објасни Арсовска.

Како посебен аспект во насока на зачувување и проширување на зелените површини, воедно и како мерка против загадувањето, Арсовска најави дека посебен проект е наменет за парк-шумата Гази Баба:

-Во срцето на градот Скопје имаме непроценливо природно богатство. На овој локалитет ќе ги обновиме постојните и ќе создадеме нови пешачки и велосипедски патеки, урбана опрема и летниковци, им порача Арсовска на граѓаните на Гази Баба.