Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска која истовремено е подржана и од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија како и од албанската опозиција Алијанса за Албанците и Алтернатива, вечерва на ТВ ШЕЊА објасни како таа како градоначалник ќе се справи со загадувањето, проблем кој најмногу ги мачи скопјани.

Во врска со загадувањето Арсовска посочи дека ниту еден проблем кој што не се решава системски да не се повторува, не е решен проблем.

– Ниту еден проблем кој што не се решава системски да не се повторува, не е решен проблем, затоа што ние во една година можеби ќе имаме среќа да има ветришта низ градот и навистина воздухот да не е толку загаден како што бил претходната година, меѓутоа, тоа не е системско решение, тоа е добрата волја на природата дали ќе ни дозволи да се труеме или не. Има решение за се. Знаеме кои се главните загадувачи, има начин ова што кажавте за домаќинствата, со субвенционирање и со инстант решение ние не можеме да решиме проблем кој што е навистина голем, рече Аросовска.

Според неа за решение на проблемот со загадувањето најпрвин треба да се свртиме кон гасификацијата, нешто што актуаелната локална власт го вети а не го исполни.

-Најпрвин треба да свртиме кон гасификација на домаќинствата, ветувано а неисполнето. Јас знам дека има можност тоа да се реализира и да биде за доброто на сите скопјани. Понатаму делот каде што може да разговараме за алтернативни начини е и поврзувањето на постојната мрежа за топлификација, има навистина многу потенцијал и има како да се приклучат граѓаните. Меѓутоа и алтернатива со гасификацијата треба да им се понуди. Така да, јас верувам дека на граѓаните треба да им се понуди системско решение, посочи Арсовска.

Арсовска напомена дека едно од клучните прашања за решавање на проблемот со загадувањето се дивите депонии, но исто така истакна дека со еколошките автобуси може делумно да се реши овој проблем.

-Со еколошките автобуси делумно ќе се реши овој проблем. Со намалувањето на бројот на користење на автомобилите во сообраќајот повторно ќе се намали овој проблем. Едно од клучните прашања, јас сметам дека во Скопје има толку голем број на диви депонии кои што постојано согоруваат отпад што можеби е еден од најголемите причинители на ова што ни се случува сега, односно што депониите не се расчистени. Јас видов ете господинот Петре пред некој снимил така еден убав спот кај што вели исчистивме една дива депонија и го покажува потегот кај железничка станица. Извенете но тоа не е дива депонија, тоа е место каде што граѓаните случајно фрлале отпад или имало отпад. Дива депонија е Вардариште, диви депонии се депониите во Ново Село и да не ги набројувам сега сите. Секаде каде што отидовме има толкави диви депонии кои што се согоруваат и кои што го загадуваат воздухот и директно ни го нарушуваат здравјето и животот на сите кои што живееме во овој град. Во мојата програма санирањето на овие диви депонии ќе се случи за 82 дена, за точно 82 дена, рече Арсовска.