Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска не се појави на седницата на Советот за Град Скопје на која точка на дневен ред е буџетот за градот. На седницата на Советот иако е обврска дефинирана во правните акти, немаше претставник на Град Скопје. Претседателот на Советот, Трајко Славески при прекинување на седницата укажа дека мора да се обезбеди присуство на претставници на градот.
На седницата мора да има претставник на предлагачот на буџетот, треба да е присутна градоначалничката Данела Арсовска, генералниот секретар како и претставник на Секторот за финансии при Градот, рече Славески.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски посочи дека овластениот предлагач треба да објасни зошто е вака планиран буџетот.
Не знаеме зошто нема претставник на Град Скопје, дали е поради неподготвеност за работа по буџетот, дали вака се брани проектот За модерно Скопје, дали вака се води град, ако се нема интенција да се присуствува на седницата не знам зошто тогаш советниците да присуствуваат за документ кој го подготвувал друг. Буџетот предлагачот треба да го образложи пред советниците, рече Андоновски.
Според него советниците мора да добијат одговор од Градот зошто буџетот е ваков, која им е визијата за градот.
Треба претставниците на Градот, поточно менаџментот да ни каже зошто ваков буџет, дали се соодветно планирани средствата. Дали може со овој предлог да се реализира програмата Модерно Скопје, додека не добиеме одговор и претставник од Градот нема услови за работа, кажа Андоновски.
И по кратката пауза на седницата не се појави ниту Арсовска, ниту секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров. На седницата дојде само претставник на Секторот за финансии при Градот.