Во ЈСП „Скопје“ се правени злоупотреби, големи суми се одлевале од претпријатието, а како се работело сведочи и тоа што во возна состојба не биле ниту новонабавените автобуси, изјави скопската градоначалничка Данела Аросовска. Во синоќашниот настапот на ТВ „Алфа“ таа рече дека оние кои одлучувале до скоро за ова градско јавно претпријатие го довеле да биде загубар.

-Го довеле ЈСП да биде толку голем загубар, да годишно му требаат 12 милиони евра за да работи. Таквото менаџирање треба да им служи на чест на оние што го довеле во таква состојба, рече Арсовска.

Таа потенцира и тоа дека возилата-автобусите биле оставени без соодветно одржување.

-Тие автобуси некој ги оставил и не се грижел за нив во изминатите четири години и ги довел во лоша ситуација. Во моментов кога новиот директор седна на таа позиција, од 33-те нови автобуси кои беа купени, а за кои јавното претпријатие сега од први плаќа скоро еден милион евра кредит, од тие дури 20 проценти не беа во возна состојба, односно беа паркирани, објасни Арсовска.

Градоначалничката повтори дека бесплатниот превоз што и беше дел од предизборните ветувања како проект ќе биде реализиран етапно, во неколку фази, поради лошата состојба во која е ЈСП.

Инаку, познато е, претходното градско раководство на чело со градоначалникот Петре Шилегов во јули 2020 година набави вкупно 33-еко автобуси на гас за кои се потрошени 10 милиони евра како кредит од Европска банка за обнова и развој.