Најголем дел од средствата се веќе однапред определени каде ќе се трошат следната година, рече градоначалничката Данела Арсовска одговарајќи на прашањето дали Град Скопје може да им помогне на граѓаните кои ќе плаќаат поскапа струја и парно греење според најавите за зголемување на цените.

-Мора да бидеме свесни дека градот е презадолжен. Тој дури нема никакви можности за дополнително задолжување. Затоа сметам дека најголем дел од одговорноста треба да си ја понесе централната власт затоа што таа имала удел и можела да ја превенира оваа состојба со која денес сме соочени. Градот не можел да превенира ова да се случи. Сите механизми се во централната власт, таа треба да спречи граѓаните и приватниот сектор, вклучително и општините и јавните претпријатија, да плаќаат толку многу драстично повисоки сметки за електрична енергија, рече Арсовска во гостување во Дневникот на ТВ Сител.

Во однос на изборното ветување за бесплатен јавен автобуски превоз, рече дека по Нова година ќе излезат со точни пресметки затоа што во ЈСП „Скопје“ затекнати се, како што рече, катастрофални состојби и голем дел од возилата не биле ставени во функција.

-Прво ќе се направи консолидирање на ЈСП зашто внатре е хаос. Почната е внатрешна ревизија, а ќе има и надворешна за да се види каде се направени огромните долгови кои ЈСП ги има. Најголем дел од средствата што му се дотираат доаѓаат од Град Скопје, тоа е сума од над 12 милиони евра кои се дотираат директно од буџетот на градот, рече Арсовска.

Додаде дека се работи за носечки проект од изборната програма за Скопје и, според ветеното, рече таа, етапно и по категории ќе се воведува бесплатен превоз, за што прво ќе се набавуваат прва транша еколошки автобуси. Конкретен рок на бесплатен превоз таа не прецизираше.

– Кажавме дека пред истекот на втората година целосно ќе биде бесплатен јавниот превоз. Ние, секако, ќе се обидеме тоа да го направиме и пред истекот на овој рок, рече градоначалничката.

За аерозагадувањето Арсовска кажа дека има простор за подобрување и дека се засилени контролите, а состојбата е таква затоа што не било преземено во претходните години за енормното загадување. Соопшти дека 54 инспекциски надзори поврзани со загадување се направени минатиот месец, почнати се и вонредни контроли на индустриски капацитети и околу 120 диви депонии се исчистени во изминатите 50-ина дена.

Арсовска во интервјуто рече и дека во Скопје ќе има организиран пречек на Новата година од три општествено одговорни компании кои, рече, го „презеле товарот на организирање на новогодишната ноќ“.

-Сметам дека оваа пракса на нетрошење на средствата на скопјани треба да продолжи. Градот е накитен, средствата коишто останаа непотрошени за таа намена и оние што беа наменети за репрезентација и за кафеани во Град Скопје сега ќе бидат пренаменети за социјално ранливи категории кои немаат оброк и немаат свој дом и на празниците да им се излезе во пресрет, додаде Арсовска.