Арсовска се обрати на панелот „Родово сензитивни локални самоуправи“ на кој зборуваше за важноста на родовата еднаквост и за можностите за вклучување на жените во јавниот живот во нашето општество.
-Сите можевте да видите дека во ова предизборие имаше навистина големи напади, напади и обиди да се исфрлат од игра сите оние за кои се сметаше дека се послаба алка. Верувам дека се докажа спротивното, дека победија човечноста и успешноста. Вчера бев избрана за првата жена претседател во скоро 50 години постоење на ЗЕЛС и сум прва избрана градоначалничка на Градот Скопје. Од една страна, тоа претставува голема одговорност, но од друга страна, за мене одговорноста е уште поголема што успеав да се изборам со сите дискредитации и дискриминации во изминатиот период. Затоа, не е за чудење што е намален бројот на жени градоначалнички на само две, имајќи ги во предвид директните инструирани напади, кои се обиди да нема жени на високи и одговорни позиции, особено кога тие се избрани, а не назначени – рече денеска градоначалничката Арсовска.
Таа нагласи дека тие напади не треба да се гледаат како причина за нереализација на зацртаните активности.
-Ако нешто не се промени на ова поле, нема да има жени на високи раководни функции. Затоа, апелирам да дадете поддршка за секоја жена која во овој момент е предмет на напад, која континуирано се деградира. Тоа нема да се промени се додека сите не застанеме во нивна одбрана. Има луѓе платени од наши средства, државни функционери и луѓе на позиции кои навредуваат и не сносат никаква одговорност, ниту морална, ниту етичка, а немаат ниту осуда од општеството за начинот на којшто се однесуваат. Таквото однесување не смее да се дозволи во ниту едно демократско општество, а нашето воопшто не е едно општество за сите. „Не за насилството врз жените во јавниот живот“ треба да важи за секоја една жена во Македонија, а не само за оние кои што се во најблискиот круг на централната власт. Се додека се дозволува на носители на јавни функции да се однесуваат вака, луѓето ќе сметаат дека за сите е дозволено такво однесување – нагласи Арсовска.
Таа образложи дека во моментов има само две жени градоначалнички во Македонија и дека тоа е поразителна бројка.