Заштита на Водно со закон и конечно решавање на проблемот со појавување на нови градби на парк шумата е едно од решенијата во програмата на независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска.

Таа денеска на прес конференција потенцираше дека Водно стана место каде наместо дрвја, почнаа да растат згради.

Бевме сведоци како граѓаните го бранеа Водно со жив штит поради сечењето дрвја, се обидуваа да ја одбранат парк шумата, но никој од локалната управа не им помогна, напротив застанаа на другата страна. Ова не смее да биде нашата реалност. Градоначалникот мора да ги слуша барањата на жителите и да наоѓа решенија во нивен интерес. Затоа во мојата програма го имаме Водно, зелен штит, она што жителите го бараат. Време е за системски решенија, изјави Арсовска.

Проектот предвидува прогласување на Водно за парк на природата не давајќи можност за дополнителни градби и целосна заштита на парк шумата којашто ќе има редовно пошумување како дел од проектот на пошумување на 100 000 квалитетни садници на автохтони видови дрвја годишно. Се планира доизградба на жичницата од Скопје до Средно Водно каде заедно со еколошкиот превоз ќе овозможи Водно да биде без автомобили. Зелен штит на градот како проект предвидува 24-часовна лупа на Водно, односно постојана грижа за парк шумата. Ќе има 24 часовна патрола на редари кои ќе се грижат за заштита на шумското и природно богатство како и за безбедноста на планинарите при несакани ситуации, повреда или слично.Во план е проектирање на нови велосипедски патеки, како и тракинг патеки за планинарење и поставување на мобилни единици за хигиена, туш, соблекувални при организацијата на рекреативни активности.