На „вонредна“ прес конференција, денеска градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, објави дека инспекторатот за животна средина на Град Скопје, констатирал енормно аеро-загадување од фабриката Усје.
Арсовска не објави нити една бројка со која би не уверила за колку е зголемено емитувањето на ПМ10 честичките благодарение на Усје, најави и кривични пријави. Кратко по нејзината објава, се јавија од Усје за да ги отфрлат, според нив неоснованите ставови изнесени во јавноста од страна на градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска.
Имено, вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари 2023 година, во присуство и на инспектори од Град Скопје, потврди дека емисиите од производниот процес во Цементарница Усје се пониски од дозволените гранични вредности. Производниот процес во Цементарница Усје се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди. – стои во соопштението на компанијата.
Од изјавата на Усје може да се заклучи дека градоначалничката буквално си измислила мерења на загаденоста на други два датуми, кои според нивните тврдења никогаш не се случиле.
На прес конференцијата без изнесени и податоци за мерења на 26. и 27. декември 2022 година. Вакви мерења во овие денови во кругот на фабриката воопшто не се направени, па оттука резултатите од нив не можат да се поврзат со УСЈЕ. Мерењата направени на 3. и 4. јануари 2023 од страна на ДИЖС и инспектори за животна средина на Град Скопје во кругот на Цементарница Усје, уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Резултатите од мерењата на сите емисини точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на РМ10 честичките во амбиентниот воздух измерена во Цементарница Усје е дури и помала од други мерни места во градот. – додаваат од усје.
Од Усје признаваат дека кај нив бил констатиран прекршок, но не во однос на аерозагадувањето на градот, туку во однос на внатрешното загадување во нивната компанија, кое се случило поради котелот за греење.
Поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребува мазут што е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната Еколошка дозвола. При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Компанијата веднаш ќе ги имплементира препораките на инспекторатот и ќе направи замена на енергенсот со природен гас.
Од таму додаваат дека во Усје редовно се вршат независни мерења од страна на акредитирани лабаратории. Резултатите од досега извршените редовни мерења покажаа дека сите емисии, вклучувајќи ги и емисиите во котларата, се под законски дозволените граници. Последното вакво редовно независно мерење е направено на 28.10.2022 година.
Овој став на Усје е потврден и со вчерашниот извештај на Државниот инспекторат за животна средина. Во нивниот извештај, исто така беше констатирано дека од компанијата не излегува аерозагадување над дозволеното, но, констатиран е прекршок од трет степен во однос на котелот за греење.