– Ова денеска, овој резултат денеска, покажува дека време е да го средиме градот и да живееме во град со којшто ќе се гордееме. Денеска се покажа дека на скопјани им е преку глава од празни ветувања, дека на скопјани им е доста од политичари кои ветуваат, а не остваруваат. На овие избори важно беше да се обединиме и да успееме да донесеме промени за поубаво Скопје.Заедно ќе го направиме Скопје модерна метропола и здружени сите заедно со иста цел – да успееме да го направиме Скопје подобро место за живеење, изјави Арсовска на денешната прва прес конференција, после вчерашните локални избори за градоначалник на Град Скопје.

Арсовска ги повика сите граѓани кои се незадоволни од политиките на досегашните градски власти да се приклучат и обединат во нејзината битка за подобро, модерно Скопје за сите.

– Ве повикувам сите кои не сте задоволни од досегашните градски власти, а такви не има многу да се здружиме и да ги поразиме. Ве повикувам да се обединиме заедно во оваа битка. Скопје не смее да биде предмет на политика, туку треба да биде град што ќе се развива онака како што сакаме ние скопјани, истакна таа.

Честитајќи им ги освоените гласови на сите кандидати, особено на независните и предложените од помалите партии, Арсовска потенцираше дека придонеле со нивните квалитетни предложени проекти и ги оцени како решенија вредни за реализација во нејзиниот мандат.

-Настапот и програмите на сите овие кандидати внесоа свежина и нова енергија на локалните избори. Ја подавам мојата рака, нивните програми и приоритети ќе најдат дел од мојата работа во следните четири години како градоначалник на Скопје, заклучи Данела Арсовска.

Меѓу другото Арсовска беше децидна дека позитивната кампања која што ја водела се покажала како успешна и потенцираше дека црните кампањи не поминуваат кај скопјани.Изразувајќи голема благодарност за граѓаните кои што ја поддржале нејзината визија за современо и модерно Скопје, но и за останатите кои што ја исполниле граѓанската должност и демократското право и излегле на гласање, ги повика да бидат со неа во вториот круг од локалните избори.

– Денес е нов почеток на следниот круг на избори и затоа тука не смееме да застанеме затоа што ни треба промена веднаш. Ве повикувам во вториот круг да излезете во уште поголем број сите вие кои сте незадоволни од градоначалникот во заминување, затоа што Скопје и скопјани не треба ниту ден повеќе да живеат во нечистотија, сообраќаен и урбанистички хаос. Скопје ќе биде убав град на среќни луѓе, ја заврши прес конференцијата Арсовска.