Сите граѓани ќе уживаат во брзи, транспарентни и одговорни јавни услуги, транспарентна и ефикасна администрација во служба на граѓаните и политика на нулта толеранција за корупција, истакна кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска.
На централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, Арсовска посочи дека скопјани заслужуваат подобро.
– Заслужуваме град во кој ќе можеме да уживаме во животот каде нашите деца ќе може да играат во чисти паркови, и каде што нема да се разболуваат дишејќи загаден воздух. Заслужуваме модерна инфраструктура, заслужуваме чисти улици и функционален јавен превоз. Заслужуваме да живееме во модерно, европско Скопје, истакна таа.
Како што кажа, на Скопје не му треба утопија, туку потребни се вистински решенија и реални проекти, а според неа, тие ќе се реализираат и ќе го подобрат животот во градот.
– Мојот план за Скопје, мојата визија ги претставив со амбициозни, но возможни реални проекти. Повеќето од нив може да се спроведат веќе во првите две години од мандатот, многу од нив уште во првите 82 дена. Време е да им покажеме на сите дека е возможно во 82 дена да се исчистат сите депонии, сите диви депонии во градот Скопје, да се отвори едношалтерски систем за јавни услуги достапен за сите граѓани 24 часа, секој ден во неделата, посочи Арсовска.
Арсовска вети дека во првите три месеци ќе ги исчистат сите диви депонии, ќе им ја вратат природата на граѓаните како рекреативен простор и ќе го одржуваат градот чист.
– Ќе ставиме крај на дивеењето и урбаниот хаос. Ќе го спроведуваме законот, ќе го развиваме модерно Скопје со урбанистичко планирање заедно со локални и меѓународни експерти за да го подготвиме за иднината, за иднината како модерна, зелена, европска метропола со строга заштита на зелените зони и пет нови мега паркови во спомнатите делови на нашето убаво Скопје. Сите делови на градот Скопје заслужуваат да живеат поубаво и затоа покрај овие пет нови мега паркови и помалите паркови кои ги планираме исто така ќе се посветиме и на тоа да во нашиот град повеќе нема заборавени населби, вети Арсовска.
Дополни дека во новиот ИКТ-центар во Аеродром ќе обезбедат најнапредна обука за ИКТ и софтверско инженерство за илјада млади граѓани кои ќе имаат можност за вмрежување со универзитети и меѓународни ИКТ-компании и старт ап центар за млади претприемачи, бидејќи, како што кажа „модерен град исто така ќе значи и модерна администрација“.