Местењето тендери во СДСМ односно кадрите на СДСМ кои што се во институциите не е ништо ново, тоа го говориме 4 години, а сега веќе презентираме и докази, но за жал ЈО и Антикорупциската се глуви и слепи, истакна на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

– Како одела на пример една цела постапка за местење на тендер? Ова е најпластично објаснето за да можат сите граѓани да разберат она кое што го презентираме. Најубаво ќе ви објаснам преку класичен рандом пример. Најпрвин фирмата која што е договорена од страна на кадриве на СДСМ дека треба да го земе тендерот ја пишувала техничката спецификација и ја давала кај градоначалникот, потоа градоначалникот го објавува тендерот, фирмата веќе ги знае работите кои ќе се работат и што ќе се набавува и за работите што ќе се набавуваат става енормно високи цени, а тие што нема да се работат става цени по 1 денар и кога ќе извади просечна цена односно понуда на тендерот, излегува најниска оваа понуда токму на фирмата која што ја договорена и таа фирма го добива тендерот кој што подоцна треба да го работи. За возврат им носеле пари во кеш, односно процент од заработката на градоначалниците кои што ги местеле тендерите. Полесни и побрзи пари на грбот на граѓаните, нема никаде да најдат, посочи Арсовски.

Порптаролот ја презентираше понудата, односно техничка спецификација за општина Гази Баба за одржување и реконструкција на јавно улично осветлување.

– Фирмата ДИГИТАЛ ДООЕЛ добила тендер за оваа работа и тоа со следниве цени:

– Набавка и вградување на кабел од 1 kw со дебелина 4×16 мм2 обем цената е 300 денари, а за кабел 4×35 мм2 обем, што е логично да е цената повисока бидејќи се работи за подебел кабел, замислете цената е само 12 денари.

-Рачно кршење на асфалт и бетон со дебелина 15 цм, цената за кршење на 1 м2 чини само 1 денар. Рачно кршење на бетон чини 1 денар за 1 м2. Ова почитувани, е навредување на интелигенцијата на граѓаните дека некој човек ќе искрши рачно 1 квадрат бетон или асфалт со дебелина 15 цм за само 1 денар. Во тој случај 1.000 квадрати бетон или асфалт со дебелина 15 цм би им требало неколку луѓе да искршат за една недела рачно и за тоа да бидат платени внимавајте само 1.000 денари. Надвор од здрав разум.

-Набавка и вградување асфалтна маса за асфалтирање на работа со дебелина 7 цм и плус подлога, цена 1 денар за 1 м2. Или, тоа значи дека за 100 м2 асфалт, треба да чини 100 денари ова асфалтирање. Повторно надвор од здрав разум.

-Замислете, ископ на дупки за изработка на фундаменти, со шаловање и бетонирање и пластична цевка фи 70 мм, дупка да ископаат односно да подготват со димензии 50x50x60 цм чини 2.000 денари, а тоа што знаеле дека нема да се работи на пример истиот принцип на работа но два пати поголема димензија на дупка 1000x1000x120 цм, која што треба да е двојно поскапа, чини само 500 денари. Затоа што знаеле што ќе се работи, а што нема да се работи и затоа биле такви цените, појасни Арсовски.

Тој потенцираше дека ова е само дел од цените и начинот на кој има простор за сомневање за предност во добивање на тендерот од страна на оваа фирма, односно конкретно на примерот, и додаде дека добивање на тендерот на оваа фирма постои сериозен сомнеж да можеби било однапред договорено но дека тоа треба да кажат службите и јавното обвинителство доколку истражат и да утврдат дали имало такво нешто или немало.

– Самите од ова што го слушнавте и видовте можете да процените што се случувало низ општините каде што раководеле кадри на СДСМ. Парите на граѓаните на овој начин биле испумпувани и завршувале во нечии џебови. Да не се чудите после како од просечни граѓани, кои што доаѓаат на функции овие од СДСМ после функциите стануваат милионери, а пред тоа немале никаков основ за да заработат толкави суми на пари, дециден е портпаролот.