– Секако дека е според тоа што го има како Комитетот за имунизација којшто ќе ги следи и понатаму сите препораки од СЗО и ќе се води од овие препораки како и досега. Во однос на дозите 10 илјади дози од оваа педијатриска вакцина од „Фајзер“ се иницијална количина што не значи дека ако има интерес нема да се набават дополнителни дози. Вакцинацијата е важно да се укаже дека се одвива без закажан термин. Значи, единствен услов за вакцинација на малолетните лица е задолжително да дојдат со родител или со старател и важно е граѓаните да знаат дека и со оваа одлука вакцини за КОВИД -19 ќе има во доволна количина, дека нема приоретизирање според возраста, хронични заболувања или критична структура, рече портпаролот Арсовски запрашан дали има препорака од Комитетиот за имунизација за вакцинација на деца од пет до 12 годишна возраст и за тоа кои категории деца би биле опфатени со процесот на имунизација на деца по одлуката на Владата за набавка на 10. 000 педијатриски дози.
Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за набавка на вакцини против КОВИД-19 за 2022 година, според која е утврдена потребата од набавка на 500.000 дози на мРНА (мРНК) вакцини од производителот „Фајзер“, во кои ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од 1 отсто од вкупниот број деца во земјава на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози.
Согласно информацијата, дозите за возрасните треба да почнат да се испорачуваат од месец мај, а педијатриските дози во првото тромесечје на 2022 година, а вкупната количина треба да се испорача до декември 2022 година.