Вицепремиерот, Артан Груби, деновиве е во фокусот на вниманието. На денешната прес конференција во Влада, вицепремиерот се раскара со новинари и одби да одговори на прашања.
На Груби му беше замерено дека не нуди објаснување со одговорите дека фирмата „Евро консалтинг“, која е во конзорциумот кој го доби тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10, е со нови сопственици, и дека не е спорно тоа што против поранешниот сопственик се води кривична постапка за измама во Ерменија.
-Малку забегавте со волунтаристичко толкување на правото, ако сопственик се смени значи фирмата не одговара за ништо – му рече новинар од „Телма“ на прес конференцијата, на што Груби побара извинување.
-Треба да се извиниш, затоа што забега.
-Па вие забегавте.
-Нема да ви одговорам на прашањето додека не се извините.
-Па добро не мора да ми одговорите, вие и онака не одговарате на прашањето. Еве се извинувам, а не знам зошто
-Треба да реагира Здружението на новинари за вакво однесување кое е многу навредувачко и апсолутно неприфатливо и не би сакал да продолжам да разговарам. Друго прашање. Мислам дека треба да се извините недозволиво, неетичко да навредувате на прес конференција, срамота, колеги сме. Дозволивте да кажете дека сум забегал.
-Забегувате со објаснувањето – се обидуваше да се објасни новинарот.
Новинарот на крај му се извини за Груби затоа што зборот „забегување“ имал различна конотација во македонскиот и албанскиот јазик. На тоа Груби рече дека му простува.
-Ниту знам кој човек е, ниту како се вика, ниту што направил, оставам да постапат институциите на државата доколку има некои сомневања –рече тој за Бранислав Димитријевиќ, македонски државјанин вмешан во корупциски скандал во Ерменија, а кој се јавува како поранешен сопственик на фирмата.
Одговорајќи на прашањето за играњето фудбал кај него во канцеларија, тој се извини доколку повредил некого.
-Ако задира во чувствата на оние што се трогнати од таа слика се извинувам што сме играле фудбал и кошарка, нема амбасадор кој дошол во мојата канцеларија а кој не шутирал фудбал – рече тој, додавајќи дека и претходно биле објавувани такви слики, но не се реагирало вака.
На истата прес конференција вицепремиерот ги покажуваше чорапите за да се види дека му одат во комбинација со вртоврската. За краватата новинар му замери дека е милитантна, по што тој ја извади и му ја подари.
-Ако така се интерпретира тогаш никогаш повеќе нема да ја ставам, ќе ви ја подарам на вас – рече тој.