Во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, изјави дека Али Ахмети и ДУИ нема да бидат дел од власта во Македонија.
- „Сè додека оваа политичка генерација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, сме здрави и живи и имаме поддршка од граѓаните, Али Ахмети и ДУИ, Бујар Османи, Артановци и на нив сличните нема да бидат ниту дел од Владата, ниту ќе бидат власт во Република Македонија“, рече тој.
Дополнително, тој нагласи дека ДУИ, во нереформирана форма, нема да учествува во власта, без оглед на потегот на Арбен Таравари.
Пренџов ја оспори тезата дека Европската Унија е причина за оддалечувањето на Таравари.
„Јас не се согласувам дека Европската Унија е причина за ова, еве јас јавно повикувам да ги побараме сите записници од седниците на Влада дали таму господинот Таравари жестоко дискутирал, зборувал во врска со Европската Унија дали е забавено или не“, изјави тој.
За да ја провери дали ова е вистина, тој го повика пратеникот Снопче заедно да ги прегледаат записниците од владините седници.
„Она коешто исто така е интересно, а јас го повторувам уште еднаш. Јас ве охрабрувам заедно како пратеници имаме и сертификати ако треба ќе отидеме во Владата ќе ги побараме сите записници и тонски и ќе видиме дали господинот Таравари на било која седница се противел и барал до каде е Балансерот, Бадендерот, Закон за правична застапеност и до каде се реформите за Европска Унија“,додаде Пренџов.
Тој истакна дека ваквиот потег ќе покаже дали Таравари активно се залагал за реформите.
Во однос на европските интеграции, Пренџов нагласи дека ЕУ е единствената цел за Македонија. „Во поглед на Европската Унија таа е единственото место во кое ние како општество и држава се движиме, друго место нема, ниту во минатото имало и тоа му е јасно на секој еден граѓанин во Република Македонија“, рече тој. Според него, реформите се клучни за пристап до европските фондови.
Тој продолжи да зборува за реформската агенда, истакнувајќи ги успесите на Владата.
„Она што значи објективно оценување, што Владата сработила во изминатиот период каде што сме ние сами се гледа низ реформскиот процес. Сите држави од Западен Балкан добија условно кажано домашна задача што секоја држава одделно треба да направи, тоа се вика како реформска агенда со цел да дојдеме до 750 милијарди евра, 2/3 како кредит, 1/3 како грант значи поклонети средства и за тоа треба да имате определени услови“, објасни Пренџов.
Тој додаде дека Македонија, предводена од оваа Влада, е лидер во реформите меѓу земјите од Западен Балкан.
Во врска со Бугарија, Пренџов го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во поглед на Бугарија како што беше најавата и на денешната емисија, нашиот став е идентичен непроменет, тој наш став беше два пати на избори, граѓаните се произнесуваа за тоа, а тоа е сè додека ние Македонците, Албанците и сите кои живееме во Република Македонија не пристапиме кон Европска Унија и Софија не ни го изгласа тој последен протокол ние не можеме нив да ги ставиме како последно барање да им биде Бугарите во македонскиот Устав“, изјави тој.
Овој став, според него, останува непроменет четири години.