Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) остро реагира на активностите на бугарските власти во Пустец, оценувајќи дека под превезот на медицинска помош се спроведува политичка кампања насочена кон негирање на македонскиот идентитет во Албанија.

Од МАЕИ тврдат дека на 11 и 12 септември во Пустец пристигнала медицинска екипа од Софија со воен транспортен авион, заедно со бугарски пратеници и претставници на министерствата за надворешни работи, здравство и одбрана.

„На 11 и 12 септември, Бугарија испрати медицинска екипа од Софија во Пустец со воен транспортен авион. Во операцијата се вклучени бугарските министерства за надворешни работи, здравство и одбрана, а заедно со медицинските екипи пристигнаа и бугарски пратеници од различни политички партии.“

Од МАЕИ особено ги издвојуваат изјавите на бугарските пратеници, кои, според организацијата, јавно зборувале за жителите на Пустец како за „Бугари“ и со тоа, како што велат, го негирале постоењето на македонската заедница.

„Токму нивните изјави ја откриваат вистинската политичка димензија на оваа посета. Бугарските пратеници јавно порачаа дека кога станува збор за, како што ги нарекуваат, „Бугарите“ во Албанија, бугарските политички партии се обединети.“

МАЕИ прашува зошто за медицински прегледи во Пустец била потребна делегација од Софија со воен транспортен авион и политички претставници, оценувајќи дека посетата не личи на обична хуманитарна активност.

„Зошто за медицински прегледи во Пустец е потребен воен транспортен авион, бугарски пратеници и државна делегација од Софија?“

Од организацијата тврдат и дека бугарските претставници во Пустец биле придружувани со засилено полициско присуство, а во просториите на медицинскиот центар биле поставени бугарски знамиња. Од МАЕИ велат дека Пустец е во Република Албанија и дека неговите жители не треба да бидат предмет на туѓи национални политики.

МАЕИ обвинува и дека медицинскиот персонал во Пустец првично не сакал да ги прими бугарските претставници, но дека под притисок од Регионалниот медицински центар во Корча бил принуден да им ги отстапи просториите.

Организацијата остро реагира и на постапувањето на Општина Пустец, која, според неа, обезбедила логистичка поддршка за посетата. Од МАЕИ велат дека локалната власт наместо да ги штити своите жители и нивниот идентитет, ги пречекала бугарските претставници со свечености и народни носии.

„Пустец не смее да биде сцена на бугарска пропаганда. Македонците во Пустец не смеат да бидат статисти во туѓа национална политика.“

МАЕИ ја повикува Владата на Албанија да не дозволува нејзината територија и институции да бидат користени за, како што наведуваат, негирање на идентитетот на македонската заедница. Воедно бараат и македонската Влада да реагира и да изгради појасна политика за заштита на Македонците во Албанија.