Станува збор за осигурен имот на правно лице, а штетата е исплатена во третиот квартал годинава, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Во наведениот период, кај најголемата доброволна осигурителна класа – осигурување имот, исплатени се штети во вкупна вредност од 469,6 милиони денари (7,6 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизја на осигурување.

Втората највредна исплатена штета е за одговорност од осигуран воздухоплов. За настаната штета од тоа осигурување се исплатени 14,3 милиони денари (232.000 евра).

Во петте најголеми исплатени штети по една е за задолжително осигурување од автомобилска одговорност, за зелена карта и за осигурување од финансиски загуби.

По основ на задолжителна автомобилска одговорност осигурителна компанија, во овој период, исплатила 10,7 милиони денари (173.000 евра). За покривање финансиски загуби осигуреник од осигурително друштво наплатил 8,65 милиони денари (141.000 евра). За штета покриена со зелена карта осигурителна компанија на осигуреник му исплатила 6,2 милиони денари (100.000 евра).

– Во првите девет месеци најголемата штета исплатена за осигурани стоки во превоз (карго) изнесува 4,9 милиони денари (80.000 евра). Кај каско осигурување моторни возила по една штета биле исплатени 2,75 милиони денари (45.000 евра). Кај осигуран имот на физичко лице најголемиот износ за штета што го исплатила компанија за осигурување изнесува 2,9 милиони денари (48.000 евра), информира АСО.

Во доброволната класа со најмногу активни договори – осигурување од незгода, во првите девет месеци највисоката исплатена штета изнесува 3,6 милиони денари (58.000 евра). Кај приватното здравствено осигурување најголемата исплатена штета за овој период изнесува 615.000 денари (10.000 евра), а кај патничкото осигурување 1,4 милиони денари (23.000 евра).

–Осигуреници наплатија вкупно 2,89 милијарди денари (47 милиони евра) штети од осигурителните компании за неживотно осигурување во првите девет месеци годинава. Вкупниот износ на исплатените штети за овој период е за 422 милиони денари (6,9 милиони евра) или 17 отсто повисок во однос на истиот период лани. Вкупно 11 компании за неживотно осигурување во овој период исплатиле 55.008 штети, што е за 20 отсто повеќе од истиот период минатата година, наведува Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Таа е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.