Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) одржа брифинг со новинари со цел да побара поддршка во борбата за дебата, при носење на новиот Закон за игри на среќа кој Владата сака да го донесе на брза трака со европско знаменце. Асоцијацијата ги повика новинарите да ги отворат прашањата кои се од јавен интерес, од интерес на демократските процеси и правичноста, објави Макфакс.
„Веќе неколку години имаме состојба на целосно политичко своеволие и насилство од страна на Владата кога станува збор за нашата работа и нашата индустрија. Наместо дебата, конструктивна соработка со одговарање на предизвиците со кои се соочуваат играчите и индустријата, наместо градење на партнерство, имаме целосно игнорирање, непрофесионален третман и скриени интереси кои ги промовира Владата.“- истакна Васко Илијевски, Претседател на АСОМ.
Од АСОМ посочија дека предлагањето на Законот за игри на среќа со европско знаменце за кој нема ниедна основа да биде со такво знаменце, е само доказ дека идејата не е да се донесе подобар закон, туку на мала врата да се протне закон кој има друга позадина.
„Како е можно, Владата без дебата, без основна финансиска анализа и импликации од законот, без конкретни докази за ефектите од законот, да сака да протурка нешто што ќе биде колапс на индустријата? Овој закон ќе има страшни последици по буџетот и вработувањата, односно ќе значи оставање на улица 10.000 вработени, играње на црно и враќање на сивата економија на голема врата, и ова го имаме како доказ од регионот конкретно од Албанија“, констатира Илијевски.
Од АСОМ потенцираа дека тие се сериозна организација која низ годините понуди многу предлози како да се унапреди целата индустрија по европски терк. Тие истакнаа дека имаат решенија, сериозен правен тим и искуство од европски земји каде нивните членки работат и дека се понудиле вистински да ѝ помогнат на Владата да дојде до подобар закон, но таа останала глува на нивните барања.
„Точно знаеме како да се одговори на сите предизвици за евентуални штетни појави бидејќи за тоа има светски докажани пракси. И за ова со години се бориме бидејќи ова е пред сѐ наш интерес. Наш интерес е самата индустрија да напредува, а легислативата да се европеизира. Ова што го прави Владата не е тоа“, рекоа од АСОМ.
Тие посочија дека само во последниот месец откако Владата ги прифати измените на Законот за игри на среќа на предлог на Министерството за финансии, на различни начини преку отворени писма до Владата, јавни повици преку медиумите, писма до Делегацијата на Европската Унија во земјава, писма до Собранието итн., се обиделе да ги повикаат на дијалог, но, велат од АСОМ, институциите тенденциозно ги игнорирале.
„Владата доби јасна порака и од евроамбасадорот Гир дека не смее да се злоупотребува ЕУ знаменцето за носење закони без дебата. Во комуникација со пратеници и политички групи сите потврдуваат дека нема основ за европско знаменце на овој закон, но сѐ уште не е повлечено. Бараме итно повлекување на Законот за игри на среќа и негово носење во редовна постапка.“ – потенцираа од АСОМ.
Од АСОМ порачаа дека до крај ќе се борат против закон кој значи затворање на легалната индустрија на игри на среќа, која постои секаде во светот и која во нашата земја во буџетот годишно носи прилив од 250 милиони евра.
Доколку институциите останат глуви на нивните апели и покрај сите обиди за дијалог, од АСОМ најавуваат и масовни протести.