Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија апелира до Владата да ја послуша пораката испратена од шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир, кој вчера истакна дека европското знаменце треба да се употребува само кога се во прашање закони што се поврзани со европските норми и стандарди, но не и да се користи за да се избегне јавната дебата при носењето на важни закони.

„Скратената процедура во Собранието треба да се користи само кога се работи за специфични закони коишто се поврзани со европското законодавство. Европското знаменце треба да се употреби само кога се во прашање закони што се поврзани со европските норми и стандарди. Причината поради која е дозволена употребата на европското знаменце при носењето на законите е за забрзување на реформите што се потребни за приближување кон европското законодавство. Во никој случај тоа не треба да се користи за да се намали дискусијата за важни закони што се во прашање“- истакна Гир одговарајќи на новинарско прашање.

Реакцијата на евроамбасадорот Гир следуваше, откако АСОМ испрати отворено писмо до делегацијата на Европската Унија и ја извести дека Владата прави злоупотреба на европското знаменце и без јавна дебата сака да го донесе новиот Закон за игри на среќа, со кој околу 10 000 вработени во индустирјата на игри на среќа ќе останат без работа.

АСОМ апелира до Владата дека ако навистина сака конструктивен и издржан Закон за игри на среќа не треба да бега од дискусии и дебати.

„Нашата држава, како земја аспирант за членство во Европската Унија, треба ги искористи позитивните практики на европското законодавство. Повторно ќе ја потсетиме Владата дека во веќе постоечкиот Закон за игри на среќа, направен на база на европските закони. Ве повикуваме да отворите дебата, да повикате експерти и да направиме анализа за тоа какви измени би ги постигнале целите, кои верувајте дека се заеднички. “- велат од АСОМ.

Асоцијацијата најавува дека ќе ги преземе сите правни механизми и законски можности да го спречи донесувањето на штетниот закон кој ќе предизвика сериозни последици за државата.