Силна осуда за Владината одлука за отпочнување на постапка за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа, изрази Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) на вчерашниот брифинг со новинарите.

Според Асоцијацијата одлуката ќе ја доведе во прашање егзистенцијата на постојните приредувачи на игри на среќа, кои веќе имаат инвестирано во кадар, опрема и простор. Станува збор за сериозни работодавачи со над 10 илјади вработени, кои плаќаат данок на државата од околу 280 милиони евра годишно и придонесуваат за општеството.

„Проблемот лежи во тоа што Министерството за финансии од 2014 година ги нема донесено подзаконските акти, без кои во пракса не можеме да приредуваме игри на среќа преку интернет. Вие ја следите нашата борба многу одамна. Со години бараме од Владата да ги донесе тие акти и тие упорно не ги носат, што е незаконски, и не спречуваат да организираме игри на среќа на интернет кои се всушност истите игри на среќа кои и сега ги приредуваме.“- вели Васко Илијевски, претседател на АСОМ .

Од АСОМ објаснуваат дека постоечкиот закон овозможува легалните приредувачи кои се на пазарот да организираат игри на среќа на интернет, а Владата и Министерството за финансии незаконски не ги донесуваат подзаконските акти цели 9 години, иако министерот за финансии бил должен да ги донесе за 6 месеци. Тие потенцираат дека одлуката која Владата три месеци ја криеше е незаконска.

„Државната лотарија се повикува одредбите на член 7, став 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри. Овој член не пропишува постапка и начин како и услови и критериуми за избор на приватен партнер. Преку овој повик јасно се гледа дека се прекршува Законот за игрите на среќа и забавните игри при што без прецизни законски услови и дефинирани критериуми се избираат приватни партнери. Ова е незаконски и намерно направено за тие да може да си изберат кого сакаат.“- објасни Илијевски.

Според АСОМ станува збор за смислено сценарио односно, договорена работа, наменета за странски однапред договорени компании, посочувајќи дека државата прво ги дискриминирала и не им дозволувала да приредуваат интернет игри на среќа, а сега како услов бара да имаат искуство во тоа што јасно укажува дека партнерите се веќе договорени и ги исполнуваат токму наведените специфични услови во јавниот повик. Тие најавија дека нема да отстапат се додека повикот не се поништи.

„Бараме да се поништи повикот кој е незаконски и дискриминирачки, да се донесат подзаконските акти кои со години се држат во фиока и реално да се либерализира пазарот и итно да се вклучат сите засегнати страни во креирање на сите следни одлуки поврзани со индустријата. Срамно, неевропски и недемократски е да се носат закони со кои се уништува гранката без никаква консултација со домашните компании. “ – истакна Илијевски.

Од АСОМ порачаа дека ќе ги преземат сите правни механизми за да ја докажат незаконитоста на владината одлука, најавувајќи дека доколку нивните апели бидат игнорирани тие се подготвени своите права да ги бараат преку протести, бидејќи оваа одлука сериозно ја загрозува егзистенцијата на сите вработени во оваа дејност.