,,-Дефинирањето на нашиот идентитет и јазик како посебен македонски е,, бетон” и бастион од кој нема отстапки“.
Јазикот е крајната црвена линија преку која не смее да прејдеме, не заради некакво членство во ЕУ, кое е премногу далечно во дадениов момент, туку по никоја цена, вели политикологот и политички аналитичар, Благојче Атанасоски.
За постоењето на документ кој е прифатлив за македонската страна, но се чека Софија да се изјасни за тој предлог по што би се постигнал постигнат договор со Бугарија, Атанасоски смета дека најверојатно ние сме подготвени да го менуваме Уставот со вметнување на бугарското малцинство, но тоа би се случило пред самиот влез во ЕУ.
Притисокот од Бугарија и официјална Софија ние да ја прифатиме,, вистината” за нашето сопствено минато согласно нивната диоптрија води само кон напластување на омразата, фрустрациите, гневот и не води по ниту еден основ кон подобро, додава Атанасоски.
Лидер: Бујар Османи ја изненади македонската јавност со изјавата дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна. Се чека на одговор од бугарската страна. На што се е подготвена македонската страна ?
-Веројатно сме,, подготвени” за прифаќање и вметнување на бугарското малцинство во нашиот Устав, но евентуално пред самиот влез на ЕУ, бидејќи пред почетокот на преговорите со ЕУ (јуни), технички од правно-институционални причини и нема време за таква,, операција”. Ако пак Бугарите инсистираат за такво нешто како услов без кој не се може, за да се тргне блокадата и да ги почнеме преговорите, во овој момент не гледам консензус помеѓу власта и опозицијата тоа прашање да се тргне од,, дневен ред”, односно да се обезбедат 80 пратеници или 2/3 мнозинство. Ќе видиме во тој документ кои се тие 5 историски личности за кои постои договор и дали истите ќе бидат чествувани како дел од нашето заедничко културно – историско наследство или експлицитно ние ќе признаеме дека тие биле,, Бугари” и како такви ќе треба да ги изучуваме во нашиот официјален образовен историски наратив и систем.
Лидер: Води ли македонската диполматија задкулисни“игри“ за сметка на идентитетот и историјата?
-Во никој случај не смее да води, особено кога станува збор за запазување на посебноста на македонскиот национален /етнички идентитет и посебноста, автентичноста и континиумот на македонскиот литературен јазик, кој бил кодофициран и нормиран во 1945 (што е многу логично и нормално), бидејќи тогаш сме се конституирале како државна заедница во рамките на пошироката СФР Југославија. Што се однесува до историјата, таа е многу комплексна наука, со повеќеслојни методи на истражување и јас секогаш во вакви претерано тешки и заплеткани историски проблеми меѓу два соседи (особено на Балканот), сум се заложувал да се користи механизмот на заеднички споделена историја во која ќе се бараат точките на поврзување и нивното истакнување ќе доведе до целокупен понатамошен развој во односите на општествата за заемен бенефит на граѓаните од двете страни на границата. Притисокот од Бугарија и официјална Софија ние да ја прифатиме,, вистината” за нашето сопствено минато согласно нивната диоптрија води само кон напластување на омразата, фрустрациите, гневот и не води по ниту еден основ кон подобро.
Лидер: Има ли Македонија конкретни “црвени линии“ во преговорите со Бугарија?
-Дефинирањето на автентичниот македонски идентитет и јазик во сите негови изворни форми и држењето до тезата дека е настанат како останатите на Балканот и во Европа (по природен пат на еволутивно развивање, а не преку вештачки коминтерновски инжинеринг) е крајната црвена линија преку која не смее да прејдеме, не ради некакво членство во ЕУ, кое е премногу далечно во дадениов момент, туку по никоја цена. Менувањето на името беше траорен процес, но преку тој добивме,, гаранции” дека сме посебни, изворни, автентични како Македонци и говориме македонски јазик. Ако и тоа го,, изгубиме” во преговорите со Бугарија, тогаш и не треба да постоиме, бидејќи народ создаден во,, лабараторијата на Тито и сталиновата коминтерна, е осуден на исчезнување. Тоа не треба ни да се помисли да се стави на маса и да се,, преговара”, камо ли пак реално да се прави во заткулисието.
Лидер: Дали на Македонија ѝ треба започнување на преговори со ЕУ ако во нив се влезе со позиција, која во текот на преговорите, би оставила простор за идентитетски и историски ревизии?
-Дефинирањето на нашиот идентитет и јазик како посебен македонски е,, бетон” и бастион од кој нема отстапки. Во однос на историските ревизии, мора да признаеме дека во минатото, кога бевме дел од еден друг политичко – идеолошки центар на моќ (Белград), многу од реалните историски факти и настани, ликови и дела ние ги извртувавме, под натиск на северниот сосед кој ни беше,, тутор за се”. Македонија мора да се ослободи од некои свои историски комплекси, фрустрации и демони од минатото и да почне да фрла поинаква светлина на некои настани и историски ликови. Се разбира, тоа не значи дека сме биле Бугари па со магично стапче Тито не претворил во Македонци преку ноќ, или пак дека Бугарија е во право. Се може да се објасни рационално, доколку се резонира со ладни глави со историска и научна објективност, без вметнување на емоционална субјективност во толкувањето на сопствената историја од не толку далечното минато.