Никој не знае со што седнува Русија на преговарачка маса, но нејзиниот врховен командант цели држава со 45 милиони жители, 600.000 километри квадратни, да биде едноставно „ руски двор“ во секоја смисла на зборот. Тоа не се аргументи со кои може да седнете на преговарачка маса и да очекувате дека другата страна ќе седне и ќе се договори со вас, вели за Лидер политикологот Благојче Атанасоски, експерт по политичка дипломатија и меѓународни политички односи.
Доколку ситуацијата не ескалираше во ваков целосен и отворен судир, можеби ќе имаше шанси за некакви си компромисни решенија, додава Атанасоски кој не гледа надеж дека и Русија, но и Украина е подготвена во овој момент на некој компромис.
Украина е најголемата европска колатерална штета на „триењето“ на интересите на најголемите воено-економски архинепријатели : Западот (во прв ред САД) и Русија.
-За голема жал на Путин, прогнозите дека цела Украина „ќе падне“ за неколку денови, не се остварија, благодарение на невидениот натчовечки отпор на украинската војска, но и обичниот украински народ, вели Атанасоски

Лидер: Итен прекин на огнот и повлекување на руските војници, ова се клучните точки на преговорите поставени од украинското претседателство, пред почетокот на мировните преговори во Белорусија. Со што седнува Русија на преговарачка маса?

-Никој не знае. Сите очекуваа ( алудирам на воено-безбедносните аналитичари, експерти, генарали), дека распоредувањето на 150.000 руска армија долж границите со Украина од руска и белоруска страна е подигнување на влоговите, односно постигнување на целта: признавање на Доњецк и Луганск за „независни републики“ во прва фаза, потоа етапно преку „референдумско “ изјаснување припојување кон Руската федерација, слично сценарио како со Крим од 2014-тата година. Целосниот воено-воздушен и копнен напад на целата украинска територија го запрепасти и изненади целиот, барем мирољубив и продемократски свет. Со што може да седне? Со барање за „денацификација“ на Украина и нејзин гарантиран неутралитет, односно „вечно неприклучување кон НАТО“, во состојба на разорување на земјата, дотолку со пратени диви орди од платени чеченски исламистички воени регрути, ѓомити од најправославната земја во светот? Не ги гледам, искрено, логичните и реални аргументи на руската страна на евентуалната преговарачка маса. Смешни се и нелогични тврдењата дека Путин, морал воено да „интервенира“ во Украина и да спречи нејзин влез во НАТО, бидејќи Москва ќе била нуклеарно нападната. Балтичките земји, Естонија, Летонија и Литванија од веќе далечната 2004-та година се полноправни членки на НАТО-алијансата и сите до една директно граничат со Русија, па не беше Москва гранатирана. Зарем доколку НАТО-алијансата имала таква намера, би и било потребно преку Украина тоа да го стори, кога веќе можела преку овие свои три полноправни земји членки. Намерата на Русија, т.е на нејзиниот врховен командант, е територијално проширување и целокупно завладување на цела Украина: држава со 45 милиони жители, 600.000 километри квадратни, да биде едноставно „ руски двор“ во секоја смисла на зборот. Тоа не се аргументи со кои може да седнете на преговарачка маса и да очекувате дека другата страна ќе седне и ќе се договори со вас.

Лидер: Русија е заинтересирана да дојде до договор што е во интерес на двете страни на разговорите со Украина, изјави утрово рускиот преговарач Владимир Медински. Кој е компромисот на кој е подготвена Русија.

-Веројатно ветување од западните најмоќни земји (САД, Германија, Франција и Велика Британија ) за „вечна неутралност “ на Украина. Доколку ситуацијата не ескалираше во ваков целосен и отворен судир, можеби ќе имаше шанси за некакви си компромисни решенија во блиг-криг за да се постигне барем акутен ад хок мир, или да продолжи и понатаму „замрзнатиот“ конфликт. Вака, не гледам многу надеж дека и Русија, но и Украина е подготвена во овој момент на некој компромис. Напротив, гледаме дека воените дејствија се ожестуваат, има големи загуби и за двете страни, што за жал, најмногу оди на штета на Украинците и украинските граѓани, кои се соочуваат со невидена агресија и терор, да си ја одбранат својата земја од окупаторско-агресорските напади. Уште повеќе, што станува збор за една од двете најмоќни воени земји во светот, Русија, па оттука не постои простор да посредува трета страна ( како примерот на војните низ Југославија, кога под жесток притисок на САД, во 1995-та лидерите на Србите, Хрватите и Бошњаците ги прекинаа бестијалните крвопролевања, наметнувајќи им го Дејтонскиот мировен договор). Во оваа конкретна ситуација, немаме таква солуција, односно имаме целосна асиметрична ситуација, при која не може некоја трета страна да ги притисне двете на преговарачка страна. Евентуалниот компромис, ќе го диктираат Русите и Путин, а не „трети“ страни. Затоа не мислам дека договорот би бил екстремно брз, и ако се случи ќе биде само инстант решение кое ќе гарантира привиден, но никако траен мир.

Лидер: Дали нападот во Украина оди според планот на Путин? Естонскиот европратеник Рихо Терас, поранешен министер за одбрана на Естонија, на својот профил на Твитер објави дека има информации од разузнавачки кругови дека Путин одржал тајна средба со руски генерали и олигарси и дека е бесен. Мислеше дека целата војна ќе заврши брзо, за еден до четири дена и дека ќе победи без проблем, Русите немаат пари, оружје или ресурси ,додава Терас.

-За голема жал на Путин, на Путинофилите низ цел свет, но најмногу кај нашиве домашни, неговите арогатни претпоставки дека цела Украина „ќе падне“ за неколку денови, не се остварија, благодарение на невидениот натчовечки отпор на украинската војска, но и обичниот украински народ, кој покажа огромна човечка храброст, воинствен морал и љубов како се сака и како по цена на животот се брани родната грутка, својот дом и својата татковина. Многумина ќе кажат дека Украинците даваат отпор, бидејќи се навооружани со модерно технолошко оружје на 21-виот век од западните развиени земји (САД во прв ред), што е делумно точно, но доколку го немаа тој железен дух на љубов и воена пожртвуваност кон својата родина, чуму ви е сето оружје. Еве да се земеме ние како еклатантен пример: на социјалните мрежи сме најголеми патриоти, и бестрашни херои, но во реалноста доколку не „здрма“ земјотрес од 3 степени по Рихтер, ние до еден ќе истрчаме надвор по долна облека. А доколку пак се соочуваме со ваков страотен воен напад како што се соочуваат православните браќа Украинците, јас ви тврдам дека сите до еден ќе избегавме на Халкидики и грчките плажи, како најсигурно прибежиште на македонскиот лицемерен „патриотизам“.

Лидер: Дел од анлитичарите сметаат дека Украина е колатерална штета на интересите на странските сили и се додека рускиот претседател Путин не ги исполни зацртаните цели – Украина да биде воено неутрална – руската инвазијата врз оваа земја ќе трае.Ваш став?

– Веројатно така е. Украина е најголемата европска колатерална штета на „триењето“ на интересите на најголемите воено-економски архинепријатели : Западот (во прв ред САД) и Русија. Од една страна, премногу опортунистички и хипокризно САД и ЕУ и ветуваа на Украина блескава иднина со полноправно членство во ЕУ и НАТО, иако беа свесни дека тоа ветување никогаш нема да стане реалност, и второ, кога до тој степен ја испровоцираа „руската мечка“, да го направи ова воено злосторство против човештвото, ја оставија на цедило цела Украина и украинскиот народ, да се бори во однапред нерамноправната битка на „Давид и Голијат“. Впрочем и самиот украински претседател Володомир Зелински ги обвини западните „сојузници“ за лицемерие и дека ги оставиле Украинците сами да се борат против нацистичкиот агресор на 21-виот век, и покрај реторичката поддршка од сите страни во светот, најавените санкции, исклучување на се руско од меѓународните текови и транши, дури и покрај дадената воена помош. Тоа е како Русија да го „подбуцнува“ Мексико и мексиканскиот народ да влезе во војна со САД, а потоа да гледа од страна без воена намеса, и да давам само логистичка и воена поддршка, само преку оружје, а не со воени трупи и директно воено вклучување. Резултатот однапред ќе се знае и епилогот е познат уште пред да започнат „настаните“, вели во интервјуто за Лидер, Благојче Атанасоски.