Сторителите во резиденцијата на претседателот Моиз се претставиле како припадници на Американската агенција против дрога (ДЕА), но нивното однесување не одговарало на тоа тврдење, рече Едмонд.
– Тоа бил добро организиран напад и станува збор за професионалци, рече амбасадорот пред новинарите и додаде дека има видео и оти мислат дека се платеници.
Тој додаде дека првата дама Мартин Моиз, која беше повредена во нападот, ќе биде пренесена во болница во Мајами на лекување. Според него, таа е во критична состојба.
Телевизискиот канал Телесур претходно на Твитер соопшти дека сопругата на убиениот претседател на Хаити починала во болница од повредите.
Во тек е истрага за да се утврди каде се убијците, кој е нивниот мотив и чии државјани се, рече амбасадорот, потврдувајќи ги претходните наводи дека напаѓачите меѓу себе зборувале шпански.
Според него, убијците веќе ги напуштиле Хаити, најверојатно заминале во Доминиканската Република, земјата со која Хаити го дели островот Хиспањола.
– Не знаеме дали заминале или сè уште се тука. Ако не се во земјата, тие можат да ја поминат само копнената граница затоа што нема авиони, рече Едмонд.
Тој информира дека ако бил користен приватен авион, тоа ќе го забележало цивилното воздухопловство, додека напуштањето на земјата преку копнената граница може да помине незабележано.