„Паметни“ камери во Атина: 130 казни за два дена
Во Атина започна со работа новиот систем со „паметни“ камери, при што во првите два дена од неговата примена биле изречени вкупно 130 административни казни.
Станува збор за пилот-проект во регионот Атика, каде што камерите со вештачка интелигенција автоматски ги регистрираат сообраќајните прекршоци и ги испраќаат казните дигитално до граѓаните.
Казните пристигнуваат електронски
Системот официјално започнал со работа на 28 март 2026 година, а известувањата за прекршоците веќе се доставуваат преку платформата gov.gr и апликацијата Gov.gr Wallet.
Најчести прекршоци кај возачите
Најголем дел од досега евидентираните прекршоци се однесуваат на поминување на црвено светло и неносење кацига кај мотоциклисти. Покрај тоа, системот регистрира и други прекршоци, меѓу кои пречекорување на брзината, движење или запирање во ленти за автобуси, неносење појас и користење мобилен телефон при возење.
Мрежата ќе се проширува низ Грција
Камерите во моментов се поставени на осум ризични локации во Атика, а дополнително се користат и мобилни камери во десет автобуси за контрола на лентите за јавен превоз.
Системот функционира преку автоматско препознавање на регистарски таблички и анализа со вештачка интелигенција, со што се идентификуваат карактеристиките на возилото и видот на прекршокот. Надлежните институции потоа имаат можност да ги проверат и другите законски обврски, како осигурување, технички преглед и платени давачки.
Според најавите, во текот на 2026 година се планира поставување на околу 1.000 камери во Атика, Солун и Крит, а до почетокот на 2027 година се очекува и воведување на околу 300 мобилни камери.
