Аудито Q8 на Венко Филипче поврзано со договори за јаглен по 82,5 евра за тон

Аудито Q8 на Венко Филипче, возило што тој го користи од почетокот на изборната кампања, е купено од „Зобек мининг груп“, фирма која склучила договор со ЕСМ за набавка на јаглен по цена три пати повисока од реалната. Ова денеска го обвини пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција.

Петрушевски рече дека Венко Филипче лично профитирал од препродажбата на јагленот од Грција, во периодот од 2022 до 2024 година. Според него, токму тие профити се поврзани со аудито Q8 на Венко Филипче, набавено преку истата фирма.

ЕСМ плаќала по 82,5 евра по тон, трипати повеќе од реалната цена

Петрушевски изјави дека најскапиот договор што го склучила ЕСМ бил со „Зобек мининг груп“, во септември 2023 година. Според договорот, требало да се испорачаат 200.000 тони јаглен за РЕК Битола во рок од една година.

Со два анекса, договорот бил зголемен – прво за 40.000, а потоа и за уште 48.000 тони, што резултира со вкупна количина од 288.000 тони. Цената по тон, со вклучен ДДВ, изнесувала 82,5 евра.

Според официјално соопштение од рудникот „Лигниторихиа Ахладас“ во Грција, до грчкото Министерство за енергетика, 768.827 тони лигнит биле продадени во Македонија во 2023 година по цена од 28 до 30 евра по тон.

Петрушевски тврди дека тоа значи дека „Зобек мининг груп“ препродавала трипати поскап јаглен, а фирмата, како што рече, директно води до Венко Филипче.

Аудито на Филипче, според Петрушевски, е купено на лизинг од „Зобек мининг груп“ и потоа дадено директно на користење на Филипче.

„Ова е возилото Аудито Q8 кое Венко Филипче го вози од изборната кампања наваму. Истото е купено на лизинг од компанијата Зобек мининг груп и дадено на Венко Филипче. Газдата на Зобек мининг груп за новинарите потврдил дека тој го купил Аудито на Венко Филипче, преку фирмата која препродавала трипати поскап јаглен на ЕСМ и дека сега возилото е на Филипче“, изјави Петрушевски.

Во својата завршна изјава, тој додаде:

„Ова е фрапантно и безобразно. Народот плаќа поскапа струја денес за Венко Филипче да вози Аудито Q8. И истиот овој Венко Филипче без грам срам води политичка партија и бара гласови“, заклучи Петрушевски.