АВМУ денеска го објави Извештајот за начинот на известување на радиодифузерите во вториот круг од изборната кампања (од 18 септември до 29 октомври 2021 година), а со мониторингот беа опфатени вкупно 13 програмски сервиси – националните комерцијални телевизии Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител, Телма, 24 Вести, 21-М, Шења и Клан Македонија и програмските канали на Јавниот сервис – МРТ1, МРТ2, Собранискиот канал и Првата програма на Македонското радио (МРА1).

-Резултатите од мониторингот покажаа дека не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик. И во вториот круг од кампањата, во дневноинформативните емисии во втор план остана увидот во конкретната содржина на изборните програми за развој на општините, а низ извештаи, изјави и низ соопштенија приоритет ѝ се даде на гласноста на (пост) митингашките меѓупартиски дуели, доминантно олицетворени во јавните настапи на лидерите на СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ, Беса и Коалицијата меѓу Алијансата на Албанците и Алтернатива, наведува Агенцијата.

Како што оценува АВМУ, низ централниот ТВ-дневник на анализираните радиодифузери, известувањето за кандидатурата на градоначалниците, во најголем број случаи се сведе на изјави селектирани од платен, коалициски/партиски промотивен материјал, емитуван во одвоена рубрика, но без метод на соочување меѓу соперниците за власта во една општина.

-Информативните редакции на Јавниот сервис – МРТ1, МРТ2 и МРА1 ги исполнија барањата од Изборниот законик за четириделна тематска поделба на своите централни дневноинформативни емисии, и тоа на тематски групи од по 30 отсто – за власта, за опозицијата и за актуелни настани од државата и од светот, и 10% за независните кандидати и за активностите на вонпарламентарните партии. Во однос на дебатите, националните радиодифузери главно беа заинтересирани за дуелите за градот Скопје и за скопските општини – Центар, Карпош и Чаир, како и за поголемите македонски општини – Битола, Куманово, Тетово, Кичево, Охрид и Гостивар, општини кои и низ дебатите на аналитичарите на македонската политичка сцена беа апострофирани како клучни за положбата на актуелната, коалициска извршна власт од СДСМ и од ДУИ, стои во Извештајот.

Според АВМУ, интервјуата и во вториот изборен круг се покажаа како редакциска резервна варијанта за приказ на политичката понуда „зашто одредени радиодифузери повторно се соочуваа било со отворен бојкот било со други причини за избегнување на планираната дебата“.

Мониторингот покажа и дека информирање за лицата со сетилна попреченост единствено обезбедија МРТ 1 и ТВ 24 Вести.