Медиумите смеат да информираат, но без изборна пропаганда

Од полноќ стапи во сила изборниот молк, кој ќе трае до недела, 2 ноември 2025 година, до 19:00 часот, соопшти Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Од АВМУ потсетуваат дека за време на молкот медиумите можат да продолжат да известуваат за текот на гласањето и за изборниот процес, но не смеат да објавуваат никакви форми на изборно медиумско претставување.

Во деновите на изборниот молк ќе се смета дека медиумите го прекршиле доколку емитуваат или објават информации, фотографии, аудио или видеоматеријали кои се поврзани со учесници во изборите, или кои отворено или прикриено можат да влијаат врз одлуката на избирачите.

Според АВМУ:

„При известувањето во деновите на изборниот молк ќе се смета дека медиумите го прекршиле изборниот молк доколку емитуваат, односно објават какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.“

Апел до медиумите

АВМУ апелира до сите медиуми да ја прилагодат својата програма за времетраењето на изборниот молк и да ги почитуваат правилата за медиумско известување, со цел да се обезбеди фер и непристрасен изборен процес.