Истражна постапка по акција на австралиската полиција

Основното јавно обвинителство Битола започна истражна постапка против 31-годишно лице за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија, член 193-а став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

Осомничениот, кој бил вработен во образовна установа, во периодот од април 2024 до 1 април 2026 на своите домашни компјутерски уреди набавувал и поседувал материјали со детска порнографија.

„Постапката е резултат на предистражни дејствија на јавното обвинителство во координација со СВР Битола и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика Скопје, кои произлегоа по известување од австралиската федерална полиција. Австралиските служби спроведоа акција за откривање на веб-страници одговорни за дистрибуција на слики и видеа кои содржат материјали од злоупотреба на деца. При тоа беа идентификувани повеќе уникатни корисници и нивните ИП адреси, дел од кои во Р.С. Македонија, за што е испратено известување до македонските истражни органи“, информира Обвинителството.

Притвор и проверки низ земјата

За осомничениот битолчанец, Основниот суд во Битола доби предлог за определување мерка притвор. Во меѓувреме, се спроведуваат дополнителни проверки и во Скопје и во други градови, со цел детална проверка на сите добиени сознанија.