Во Австрија денеска се одржуваат претседателски избори. Сојузниот претседател се избира со мандат од шест години. За да го изберат својот шеф на државата повикани се 6.363.489 граѓани, од кои речиси 62.000 се надвор од земјата и ќе гласаат по пошта.
Право на глас имаат и лицата кои на денот на изборите отсуствуваат од местото на пријавување на примарната адреса. Во болниците и установите за стари лица се организираат мобилни изборни секции кои на сите им даваат можност да го остварат своето избирачко право. Ова право го имаат сите граѓани на возраст над 16 години.
Според законот, избирачките места, вкупно 10.090, се отвораат во 6 часот, а се затвораат најдоцна до 17 часот. Во селата и малите градови тие се отворени до пладне.
Секој граѓанин на возраст над 35 години кој ќе собере 6.000 потписи на поддржувачи може да се кандидира за федерален претседател. За да биде избран на функцијата, кандидатот мора да добие половина од сите фактички дадени гласови. Доколку тоа не се случи, втор круг се закажува четири недели подоцна. Во вториот круг се појавуваат првите двајца од првиот круг.
На изборите годинава има седум кандидати, од кои фаворит е сојузниот претседател Александер ван дер Белен, кој се бори за втор мандат. Неговиот главен противник е Валтер Розенкранц, номиниран од Австриската партија на слободата. За останатите петмина кандидати, политичките набљудувачи не очекуваат особен изборен успех.
Александер ван дер Белен изјави дека има цел да победи уште денеска. Валтер Розенкранц изрази уверување дека ќе се појави во вториот круг против актуелниот претседател.