Австриската војска ќе испрати дополнителни 120 војници во мисијата на ЕУФОР во Босна и Херцеговина, како појачување поради судирот во Украина. Одлуката, според извори од армијата на кои се повикуваат австриски медиуми, е донесена поради стравување дека моменталната ситуација во Украина би можела да има последици и врз регионот на Западен Балкан и зачувувањето на безбедноста и стабилноста.
Командантот на мировната операција на ЕУ во БиХ генерал Брис Худe, побара активирање на резервните сили, со што се активирани војниците од резервата на Австрија, Бугарија, Романија и Словачка.
– Моментално сме соочени со критичен развој во Украина. Наместо, како што би сакале, решавање на проблемите по дипломатски и мирен пат, избрано е оружјето и агресија. Војната како средство за спроведување на власта не е решение, порача австриската министерка за одбрана Клаудија Танер.