Австриската канцеларија за заштита на потрошувачите најави во петокот тужба против Австрија за недоволно информирање во случај на ширење на пандемијата на коронавирус на почетокот на 2020 година во ски-центарот Ишгл во Тирол.
-Збирната тужба беше иницирана и финансирана од двајца бизнисмени од Германија, рече Петер Колба од австриската канцеларија за заштита на потрошувачите. Како што беше дополнително соопштено, тие ги презедоа правните такси за околу 200 засегнати лица кои немаат правно осигурување, па до сега немаат покренато судски спорови поради високите трошоци.
На почетокот на 2020 година, монденското зимско одморалиште Ишгл стана познато како т.н. жариште на ширење на коронавирусот. Многу заразени германски туристи ја пренеле инфекцијата на други луѓе по враќањето дома.
Федералните и државните власти на Тирол се обвинети дека предолго се двоумеле со мерките за спречување на ширењето на инфекцијата за да не се загрози ски-туристичката сезона.
Истовремено, пред покраинскиот суд во Виена се води судски процес против сопственикот на хотелот кој, според обвинителството, лажно ги информирал своите гости за ширење на инфекцијата, иако во тој момент веќе имало сознанија дека се работи за опасен и брзо ширечки вирус.
Досега судовите ги одбиваа тужбите на засегнатите поранешни гости на Ишгл, но сега австрискиот второстепен суд со враќањето на една групна тужба во првостепена, отвори можност за пресуда во корист на тужителот, пренесе Индекс.хр.