Австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер, изјави дека Австрија се залага за интеграција на земјите-кандидати во Европската унија во фази, па според тоа дури и пред формалното членство, треба да им биде дозволено „да седнат на масата на ЕУ“, да учествуваат во разговорите, но да немаат право на глас, пренесува Slobodenpecat.mk.

Во интервју за австриското државно радио, Едштадлер рече дека сега е вистинско време за ваква промена во процесот на проширување на ЕУ.

Едштадлер потсети дека заедно со шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг и претходно ја имале оваа идеја, но според неа сега е вистинското време да се спроведе.

„Живееме во многу предизвикувачко време, доживуваме војна на европско тло. Кога, ако не сега, е моментот да се реформира процесот на проширување на Унијата, рече Едштадлер.

Целта на европската интеграција, нагласи таа, останува полноправно членство, но тоа е долг пат полн со „болни реформи“. Не можеме да очекуваме тоа да се случи преку ноќ“, рече министерката, оценувајќи дека постепената интеграција ќе биде и награда за напорната работа што треба да ја направат земјите кандидати.