Истрагите за корупција против поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц и други политичари од конзервативната Австриска народна партија (ОВП) предизвикуваат проблеми на актуелната влада, јавуваат австриските медиуми.

Зелените, кои се во коалиција со ОВП, предупредија дека скандалот влијае на соработката меѓу двете партии. „Се разбира, коалицијата е оптоварена со дејствувањето на ОВП и луѓето кои работеа таму, особено во минатото“, рече денеска претставничката на Зелените, Нина Томасели.

Во вторникот беа објавени инкриминирачки изјави на поранешниот близок соработник на Курц, Томас Шмид. Тој изјави пред обвинителството дека Курц нарачал лажирани анкети на јавното мислење.

„Благодарение на опсежното сведочење на Шмид, овие и други обвинувања сега се консолидираа во многу силни докази“, рече Томасели.

Таа ја претставува својата партија во парламентарната истражна комисија за наводна корупција во ОВП, партијата на поранешниот канцелар. Но, Томасели не предвидува прекин на коалицијата и истакна дека случајот сега е во рацете на судството.

Курц поднесе оставка минатата година поради истраги за корупција и го отстапи местото на Карл Нехамер како шеф на владата и партијата.s