Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг ги критикуваше одделните постапки на членките на ЕУ во врска со протерувањето руски дипломати.

Тој додаде дека Австрија засега нема да се приклучи кон протерување руски дипломати.

– Мислам дека е жално што секоја држава постапува независно по ова прашање, изјави Шаленберг за јавниот сервис ОРФ.

Тој посочи дека го задржува правото да постапува врз основа на член 11 од Виенската конвенција, кој дозволува можност да се бара да се намали бројот на дипломати на исто ниво кое земјата домаќин го има во државата чии дипломати се протерани, и укажа дека Русија ќе воведе реципрочна мерка и ќе протера исто толку австриски дипломати од Москва, што де факто ќе ја затвори Амбасадата.

Друга можност, објаснува Шаленберг, е дипломатите да бидат прогласени за непожелни поради нивните шпионски активности.

Генералниот секретар на грчкото Министерство за надворешни работи, пак, го известил рускиот амбасадор дека 12 дипломати се прогласени за „персона нoн грата“, бидејќи не се однесувале во согласност со меѓународните правила.

ЕУ и нејзините сојузници претходно соопштија дека кривично гонат 200 руски дипломати во врска со убиствата во Буча, пренесува Гардијан. Изданието забележува дека откако Москва ја нападна Украина, над 325 руски дипломати и персонал од амбасадата се протерани од земјите-домаќини.