Приватниот превозник на автобуски градски превоз „Макекспрес“ денеска не сообраќаа на линиите 19, 20, 22, 52 и 54, поради неисплатен долг од страна на ЈСП „Скопје“ и Град Скопје.

Ниту еден автобус од „Макекспрес“ не е излезен утрово, поради тоа што, како што тврдат, немаат средства.

Сопственикот на компанијата Милорад Димитријевски вчера побара итна средба со раководството на ЈСП „Скопје“ и градските власти.

Тој бара исплата на долгот за август, септември и октомври и да почне редовна исплата на неделните аконтации за извршен превоз.

Во спротивно, вели Димитријевски, нема да бидат во можност да го извршуваат превозот и напомена дека за да можат нормално да работат, парите им се итно потребни за набавка на гориво, резервни делови за тековно одржување на автобусите, како и за исплата на плати и придонеси за возачите.

Од ЈСП „Скопје“ информираа дека од утринава вклучуваат свои возила на линиите кои ги опслужува „Макекспрес“.